Американскиот Оддел за трговија соопшти дека ќе се спротивстави на одлуката на федерален судија да не дозволи отстранување на апликацијата ВиЧет од продавниците за апликации на Епл и Гугл.
Првичната наредба на Одделот, издадена во петокот, вклучуваше и уште една кинеска апликација – ТикТок. Во неа се изразува загриженоста на администрацијата на Доналд Трамп за начините на кои овие апликации собираат кориснички податоци и за потенцијалната можност тие информации да бидат споделени со кинеските власти.
Кина ги отфрла американските наводи за безбедносни закани и во саботата го осуди она што го нарече „американско силеџиштво“ кое ги прекршува меѓународните стандарди за трговија.
Судијата во саботата одговори на барањето на корисниците на ВиЧет со тоа што го замрзна извршувањето на наредбата на Одделот за трговија и одлучи дека потезите на администрацијата на Доналд Трамп би го ограничиле правото на слободен говор на корисниците кое е гарантирано со Првиот Амандман.
ВиЧет има околу 19 милиони дневно активни корисници во САД. Апликацијата која е во сопственост на кинеската технолошка компанија Тенцент е популарна кај Американците кои ја користат за комуникација со нивните роднини и пријатели во Кина.
Претходно сервисот за споделување на видеа ТикТок беше привремено изземен од одлуката на Одделот за трговија откако соопшти дека е постигнат договор со американскиот технолошки гигант Оракл и синџирот маркети Волмарт да преземат 20% од акциите.
При гостување на телевизијата Фокс Трамп во неделата рече дека неговата администрација нема да го одобри договорот доколку БајтДенс, кинескиот сопственик на ТикТок, има контролен удел.
Ова е спротивно на она што Трамп го изјави во саботата кога рече дека го одобрува договорот „во суштина.“
Одделот за трговија го одложи отстранувањето на ТикТок од продавниците за апликации до 27 септември а на компанијата и даде рок до 12 ноември да ги отстрани безбедносните пропусти пред да се соочи со дополнителни рестрикции.