Линкови за пристапност

Тест од пет долари за 15 минути открива дали некој е заразен од Ковид-19


Американската влада набави 150 милиони брзи тестови за Ковид-19

Администрацијата на Трамп денеска објави дека „огромно мнозинство“ од брзите тестови за КОВИД-19 набавени од лабораториите Абот минатиот месец ќе бидат испратени до државните лидери во обид да го поддржат повторното отворање на, како што ја нарекуваат, „критична инфраструктура“ околу САД.

Во зделка вредна 750 милиони долари, американската влада набави 150 милиони тестови од Абот, кои ќе започнат да ги дистрибуираат тестовите подоцна овој месец. Компанијата вели дека го зголемува производството и треба да постигне производство од повеќе од 50 милиони тестови месечно до октомври за да одговори на големата побарувачка. Болеста КОВИД-19 е предизвикана од коронавирусот.

Владини претставници велат дека помошта за повторно отворање на училиштата и центрите за дневна грижа заедно со обезбедувањето тестови за персоналот за итни реакции и за населението со посебни потреби се врвен приоритет.

Тестот, кој минатата недела доби одобрение за употреба во итни случаи од страна на Администрацијата за храна и лекови, за само 15 минути дава резултати, при што правилно дијагностицира позитивни случаи на коронавирус приближно 97% од времето.

Од Абот велат дека брзиот тест ја користи истата технологија како тестот за бременост, но наместо да се користат хормони за откривање на бременост, тестот за антиген бара присуство на протеини во плунката или слузта за да открие дали некој е позитивен на КОВИД-19.

Владини претставници велат дека се уверени дека тестот за лесна употреба, кој чини само 5 американски долари, ќе помогне да се намали долгото време на чекање на што се изложени многу Американци оваа година, кога нивните тестови требало да бидат испратени во лабораториите низ целата држава за обработка.

Во моментов, тестот е одобрен само за употреба во канцелариите на лекарите, ургентните установи и училиштата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG