Линкови за пристапност

Пратениците седнаа во клупите, почнуваат преговорите за парламентарно мнозинство


На конститутивната седница не беше избран новиот собраниски спикер бидејќи се чека на предлог од новото парламентарно мнозинство.И СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ најавуваат дека ќе формираат паралментарно мнозинство а потоа и Влада. ДУИ и Алијанса за Албанците ги чекаат понудите

СКОПЈЕ –Членовите на десеттиот пратенички состав седнаа на своите места во Собранието. Конститутивната седница започна денеска напладне и по многу се разликуваше од сите досегашни поради протоколот кој го диктира епидемијата на коронавирусот. Наместо стандардно во собраниската сала, Конститутивната седница се одржа во Големата Сала под Куполата.

Пратениците но и гостите на свеченоста и дипломатскиот кор ги пречекаа медицински тимови на влезот од Собранието кои ја мереа нивната температура, маските беа задолжителни како и дистанцата меѓу пратениците и гостите за кои имаше однапред назанчени места за седење.

На седницата беа присутни 117 од 120 те пратеници. Отсатни беа Арбер Аедми од ДУИ, кој се лекува од Ковид-19, лидерот на ДПА – Мендух тачи и Александар Вељановски од ВМРО – ДПМНЕ. Артина Ќазими од коалицијата меѓу Алијанса на Албанците и Алтернатива е најмладата пратеничка во новиот состав на македонското Собрание додека Илија Николовски од коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и Стојан Миланов од коалицијата „За обнова на Македонија“ на чело со ВМРО-ДПМНЕ се највозрасните. Ќазими е студентка, потекнува од гостиварски Добри Дол и има 23 години, а Николовски и Миланов по 72. Просечната возраст на 120 те пратеници, чии мандати беа верификувани на денешната конститутивна седница, е 45 години. Во пратеничките клупи денеска седнаа 77 мажи и 43 жени. Од стариот состав во новиот продолжуваат 28 пратеници, а тројца од нив, Али Ахмети, Мендух Тачи и Иван Стоилковиќ ќе го почнат нивниот седми пратенички мандат.

Пратениците ја избраа верификационата комисија но не иКомисијата за избори и менувања и новиот собраниеки спикер кој треба да седне на столчето на досегашниот – Талат Џафери. Тоа ќе се случи тогаш кога за тоа ќе се создадат услови, односно ќе се обезбеди потребното парламентарно мнозинство. Дотогаш ќе претседава Џафери, а негови заменици се Горан Мисовски и Флорим Бесими.

Со Конститутивната седница и официјално почна трката за формирање на парламентарно мнозинство и формирање на Влада. И СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ најавија дека ги отпочнуваат преговорите со пратиите од албанскиот блок кои освоија мандати на изборите.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека средбите почнуваат веднаш и дека тој лично ќе се сретне со сите претседатели на праламентарните партии од албанскиот блок. Средбите ќе бидат на повеќе нивоа, а клучно е да се отстрани националзмот. Исходот од преговорите го очекува за 10 до 15 дена. Тој додаде дека СДСМ може да оформи парламентарно мнозинство и со ДУИ и со Алијанса и Алтернатива и нагласи дека со 15 мандати не може да се добие премиер. Тој додаде дека верува дека ќе формира стабилна Влада која ќе има мандат од четири години и која ќе ги реши економските проблеми во државата ослободена од проблемите во надворешната политика кои според него веќе се решени. Фокусот ќе биде на преговорите со ЕУ а новата Влада ќе има помалку членови во кабинетот бидејќи би се укинале голем број од министрите без ресор а ќе има реформа и во администрацијата која треба да се намали и да биде поефикасна.

„Да оставиме времето да покаже со кого ќе можеме да направиме коалиција, односно парламентарно мнозинство што ќе ја сочини Владата. Граѓаните преку гласањето ги даваат правците и очекувањата, коалицијата предводена од СДСМ може да формира Влада и со ДУИ и со Алијанса и со Алтернатива, зависи од отстранувањето на национализмот, зависи од цело едно поглавје за разработка на прочистување на правосудството, проверка на имотот, капиталот на секој политичар и функционер којшто ќе биде избран, кадровскиот потенцијал пред се за правните аспекти но и за економските аспекти на државата. Ќе ги разгледаме сите можности, добро ќе одмериме и на крајот ќе ја донесеме одлуката. Сите опции се отворени во текот на овој преговарачки процес “, рече Заев.

И ВМРО – ДПМНЕ стартува со преговори. Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, соопшти дека во следниот период ќе зачестат средбите со претставниците на партиите од албанскиот блок, но и со партиите од Коалцијата предводена од СДСМ. Владата која би ја предводела ВМРО – ДПМНЕ би се фокусирала на вистинските проблеми и на епидемијата со коронавирусот. Мицкоски се согласи дека е потребна стабилна Влада која ќе има мандат од четири години а во која ќе бидат луѓе кои немаат дамки во минатото.

„Да, периодот којшто следува ќе ги зачестиме средбите со политичките партии коишто се дел од овој парламентарен состав, јас тука не би ги издвои претставниците на албанските политички партии бидејќи и во коалицијата на господинот Заев има политички партии коишто можеби ќе ја препознаат реформската програма на ВМРО-ДПМНЕ и ќе ја подржат. ВМРО-ДПМНЕ во изминатиов период, но и во периодот кој што претстои ќе биде силно фокусирано во формирање на ново парламентарно мнозинство, што ќе поддржи Влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.Јас се согласувам дека се потребни четири години стабилна влада, влада којашто ќе биде реформски ориентирана влада која што ќе нема луѓе позади кои ќе има бројни коруптивни афери, луѓе кои во минатото гледавме како посегнуваат по мито, по корупција, луѓе кои што се аболирани за сторен криминал“, изјави Мицкоски.

Она што е јасно е дека нема да има обединување на албанските партии во парламентот. Ставот на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива е јасен и неколку пати досега повторен. Ќе учествуваат во мнозинство и Влада само доколку ДУИ не е таму.

ДУИ пак ретерираше во ставовите и пред се во барањето на премиер Албанец. Бујар Османи, во интервју за косовска телевизија соопшти дека партијата очекува покана од СДСМ за формирање на ново парламентарно мнозинство веднаш по конституирањето на Собранието, но не ја исклучува и можноста за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека нивниот предлог за премиер е симболичен.

Според член 90 од Уставот, претседателот Стево Пендаровски е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом, да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партии што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, треба да поднесе програма и предлог состав на Владата до Собранието.
На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ доби 44 мандати, ДУИ има 15 пратеници, Коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива има 12 пратеници, Левицадва и ДПА еден пратеник вол новиот состав на Собранието.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG