Линкови за пристапност

188 новозаболени, петмина пациенти ја загубија битката со вирусот


Од почетокот на епидемијата најголем дел од заболените се во Скопје, Тетово и Куманово, додека највисок морталитет има во Струга, Тетово, Куманово и Скопје

СКОПЈЕ - Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска ја објави анализата на текот на епидемијата минатата недела, од 20 до 26 јули, споредено со претходниот период а бројките покажуваат дека е намален бројот на заболени и починати во однос на претходниот период.

Минатата недела се направени вкупно 9.563 тестирања што е за 1.402 повеќе од периодот од 13 до 19 јули и се регистрирани 956 новозаболени што е за 82 помалку од претходната недела.

Од 20 до 26 јули, 32 лица починаа што е за 12 смртни случаи помалку од претходниот период кога беа регистрирани 44 жртви. Најголем дел од починатите се лица над 60 години (84,4 отсто). Во периодот од 20 до 26 јули регистрирани се 654 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 109 лица односно 20 отсто повеќе од периодот од 13до 19 јули.

Анализата покажува дека од почетокот на епидемијата, 26 февруари кога е регистриран првиот случај, најголем дел од заболените се во Скопје, Тетово и Куманово, додека највисок морталитет имаво Струга, Тетово, Куманово и Скопје.

Најмногу заболени на 100 илјади жители има во Штип каде вирусот се прошири во текстилните погони - 1.444,8 заболени. Потоа доаѓа Свети Николе со1.057,9 заболени на 100.000 жители, Ресен со 874,5 на 100.000 жители , Скопје со 754,5 на 100.000 жители, Куманово со 694,5 на 100.000 жители, Дебар каде стапката е 691,8 на 100.000 жители , Струга со 613,1 на 100.000жители , додека инциденца со над 250 заболени на 100.000 жители е регистрирана во Тетово, Охрид, Прилеп, Гостивар, Велес, Пробиштип и Демир Хисар

Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 2.248 или 22,0% . Од вкупно потврдените 10.064 потврдени случаи 2.782 или 27,6%се асимптоматични.

Проценките на Институтот покажуваат дека ризикот од ширење на епидемијата е висок. Скопје, Тетово, Штип и Куманово се во фаза 4 односно широко-распространета трансмисија во заедницата.Гостивар, Свети Николе, Струга, Охрид, Кичево и Дебар се во фаза 3 односно локализирана трансмисија додека останатите градови во дрѓавата се во фаза 2 или спорадични случаи.

188 новозаболени, петмина починати и 268 оздравени е билансот од епидемијата на коронавирусот во последното деноноќие во Северна Македонија. Направени се 1.971 тест и за прв пат по подолго време процентот на позитивни резултати е под 10 отсто.

Од почетокот на епидемијата, битката со вирусот ја загубија 476 пациенти.

„Починати се 5 лица, пациентка од Скопје (62г.), пациент од Битола (74г.), пациентка од Куманово (78г.), двајца пациенти од Тетово (61г. и 76г.). Четири пациенти се починати во болнички услови, а еден вонболнички“, соопштија од министерството за здравство.

Во моментов активни се 4.096 случаи а во последните 24 часа новозаболени се регистрирани во 19 града низ државата. Најмногу заболени има во Скопје - 1.803, во Штип има 436, во Куманово 291, во Тетово и Гостивар ои 251, Струга 190 и во Свети Николе 180.

Едиствено во Валандово и во Пехчево во моментов нема активни случаи.

На Инфективната клиника се хоспитализирани 86 пациенти а 40 се на кислородна поддршка. Во болницата во Козле се хоспитализирани 10 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 4 позитивни деца и 4 пациенти суспектни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се 98 пациенти. На респираторна машина се 5 пациенти.

Министерот Филипче ја оцени ситуацијата со епидемијата на коронавирусот како стабилна бидејќи извесно време наназад, од вкупно направените тестови, позитивни се околу 10 до 15 проценти, а со широкиот пристап на тестирање се откриваат и голем број на асимптоматски носители на вирусот. Тој додаде дека функционира системот на ротација на медицинскиот персонал а болниците имаат сосема доволно капацитети и најави дека наскоро Градската болница „8 Септември“ ќе почне со редовно работење.

„Овој начин на пристап - тестирање на сите кои имаат симптоми, меѓутоа и лицата кои се контакти и имаат исклучително висок ризик, е добра стратегија којашто треба да продолжи, заради тоа што се откриваат огромен број асимптоматски носители и со тоа се ставаат во изолација и на тој начин се спречува ширењето на инфекцијата. Еден од најдобрите индикатори како е сега ситуацијата е капацитетот во болниците - има сосем доволно слободни кревети на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“. Ние планираме веќе од следната недела да почне и распоредување на пациентите од ГОБ „8 септември“ на Инфективната клиника, имајќи предвид дека таму има сосем доволно слободни кревети и на самата клиника, а целосно е празна и модуларната болница, за да почне редовниот програм во ГОБ „8 Септември“, пред сè во делот на ортопедијата“ ,изјави Филипче.

Во однос на очекуваниот нов бран наесен Филипче потврди дека се подготвуваат болничките капацитети

„Во очекување на есенските месеци, кога очекуваме да има и поголем број пациенти заболени од ковид, но и пациенти заболени од сезонски грип, ние го разработуваме планот за дополнување на капацитетите во сите општи и клинички болници во државата, со цел да се направат мини инфективни одделенија, по примерот на модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје за целосно да се одделат болниците од овие одделенија и болниците да останат да ги третираат пациентите од вообичаена патологија. Овие инфективни одделенија ќе ги третираат пациентите заболени од ковид, физички се одделени, затоа што тоа се сепак пациенти на кои им се потребни и посебни услови“, појасниФилипче.

Ова го потврди и претседателот на Комисјата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, кој изјави дека во пресрет на есенскиот бран ќе се формираат 16 регионални Ковид центри и ќе се зголеми капацитетот на тестериање кој би требало да достигне до две илјади тестирања дневно.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG