ВМРО-ДПМНЕ вели дека веќе преговара за составување нова влада. Опозициската партија, чие раководство го овласти лидерот Мицкоски да се обиде да формира парламентарно мнозинство, не открива со која од партиите разговара и до каде е процесот. ВМРО-ДПМНЕ смета дека има легитимитет да формира влада и покрај фактот дека освои два пратеника помалку од владејачките социјалдемократи.
„Не би откривал детали. Ние од самиот почеток сме во фаза на преговори, преговорите се во тек, немаме ништо конкретно што би соопштиме за јавноста. Не би навлегувал во детали ви кажувам дека имаме преговори сите опции се на маса. Доколку нели нормално се постигне договор ќе бидете благовремено информирани“ изјави Орце Ѓоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемократите пак веќе, најавија дека Заев ќе биде мандатар. Министерот Димитров, кој беше носител на коалицијата предводена од СДСМ во првата изборна единица, на денешната средба со шефицата на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, Лаима Андрикиене, и порачал дека „успешно спроведените избори даваат можност за формирање политичка влада во текот на летото, која ќе се посвети на продолжување на клучните реформски процеси во државата“.
Прашање е како ќе се одвиваат преговорите за идната влада зашто ДУИ која освои 15 пратеници не отстапува од условот Албанец за премиер. Али Ахмети веќе побара поддршка за оваа идеја и од останатите албански партии што влегоа во парламентот. „Албанците имаат право исто колку и Македонците и сé додека премиер може да биде Македонец зошто не би бил и еден Албанец“ – изјави лидерот на ДУИ за косовска телевизија.
Арбен Таравари, генералниот секретар на Алијанса за Албанците, втората по моќ албанска парти со освоени 12 пратеници, изјави – „за Алијанса е многу тешко, да не речам невозможно да бидеме заедно со ДУИ во една влада“.
Политичката равенка за новата влада ја усложнува Левица и нејзината изборна програма која се коси со речиси сите останати партии. Левица која доби два пратеника, најави тужби до Управниот суд за илјадниците приговори што ДИК и ги отфрли.
„Направени се сите напори во рок од 60 часа судот да ги донесе одлуките. Очекуваме дека ќе успееме навремено да ги донесеме одлуките“ вели Бурим Сејдини, претседател на Управниот суд.
По завршувањето на сите изборни рокови се отвора патот за закажување на конститутивната седница на парламентот. Тоа, според уставот, треба да се случи најдоцна 20 дена по одржаните избори, или во овој случај - 4 август.