Линкови за пристапност

47 милиони работници во САД побарале надомест поради невработеност од почетокот на корона кризата


Бројот на барањата за надомест поради невработеност се намалува 14 седмици со ред, но се уште е невообичаено голем за најголемата светска економија

Одделот за труд објави дека бројот на американски работници кои бараат надоместок поради невработеност повторно се намали минатата недела, дури и во услови кога нов бран на коронавирусот се заканува со поголемо нарушување на американската економија.

Илјадници американски бизниси повторно се отворија откако беа принудени да затворат пред три месеци поради пандемијата на коронавирусот, но многу од бизнисите сè уште отпуштаат работници.

Сега, некои компании повторно се затвораат бидејќи бројот на заразени рапидно се зголеми во трите најголеми американски држави, Калифорнија, Тексас и Флорида.

Скоро околу 1,5 милиони отпуштени американски работници побараа надомест поради невработеност минатата недела, 14-та по ред недела намалување на бројката. Сепак, ова се невообичаено големи бројки за најголемата светска економија.

Иако бројот на барања за надомест поради невработеност опаѓа, економските експерти предвидуваат дека целосното закрепнување на државата од пандемијата ќе трае подолг период, продолжувајќи во 2021 година.

Вкупно досега, 47 милиони работници поднеле барање за надомест поради невработеност од средината на март, повеќе од една четвртина од американската работна сила од 164,6 милиони. Бројот на оние кои во моментов примаат бенефиции се намали на околу 19,5 милиони бидејќи милиони работници се вратија на своите работни места.

Со ненадејниот раст на бројот на нови случаи на коронавирус, некои бизниси што се отворија сега повторно ги затвораат вратите. Новите случаи на коронавирус се претежно низ јужниот дел на државата, кои беа поштедени од првичната пандемија во Њујорк и северните држави во март и април.

Компанијата за производи од областа на технологијата, Епл, ги затвори продавниците кои што претходно ги отвори во четири држави - Флорида, Јужна Каролина, Северна Каролина и Аризона - и во средата затвори седум продавници во Хјустон, Тексас. Гигантскиот малопродажен синџир Мејсис соопшти дека намалува 3% од својата работна сила, од вкупно 3.900 вработени.

Гувернерот Грег Абот во југозападната држава Тексас, кој меѓу првите дозволи повторно отворање на деловните активности, ги повика жителите да останат дома. Тој рече дека доколку не се контролира новата епидемија на коронавирус, државата можеби ќе мора да воведе нови ограничувања.

Како што американската економија се бори да ја врати својата позиција, претседателот Доналд Трамп и законодавците во Конгресот расправаат за дополнителни исплати на повеќето Американци. Но, тие допрва треба да постигнат консензус за тоа колку средства би се исплаќале и кој би ги добил.

Федералните исплати од 600 долари неделно за невработените завршуваат за околу пет недели.

Но, Трамп рече дека оваа недела поддржува друг круг стимулативни исплати на повеќето даночни обврзници, дури иако некои негови колеги републиканци изразија загриженост за растечкиот национален долг на државата што сега изнесува повеќе од 26 трилиони долари.

Трамп рече дека предвидува повторно испраќање чекови на 1.200 американски долари на повеќето поединци, како што веќе беше направено претходно оваа година.

„Ќе направиме уште еден стимулативен пакет. Тоа ќе биде многу добро“, рече тој.

Демократите во Претставничкиот дом одобрија околу 3 трилиони долари за ново трошење, што ќе обезбеди поголема помош за државите и градовите, меѓу другото. Но, републиканците во Сенатот и Белата куќа го отфрлија планот и разгледуваат други опции за зајакнување на економијата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG