Линкови за пристапност

Над два милиони инфицирани со коронавирус во САД


Во САД и официјално е надминат бројот од два милиони инфекции со коронавирус.

Според бројките објавени во четвртокот на веб-страницата на ресурсниот центар за коронавирус на универзитетот Џон Хопкинс, САД сега имаат 2.000.464 потврдени случаи на КОВИД-19, при што се регистрирани 112.924 смртни случаи, со што САД се водечка држава според вкупниот број на инфицирани и смртни случаи.

Светската здравствена организација соопшти дека Латинска Америка е новото жариште на пандемијата на коронавирусот во светот


Дури 21 држава го регистрираа својот најголем број случаи на КОВИД-19 оваа недела, при што многу случаи се концентрирани во западните и југозападните држави Аризона, Ново Мексико, Тексас и Јута. Зголемувањето на бројот на инфицирани доаѓа по олеснувањето на ограничувањата воведени поради пандемијата на коронавирусот во последните неколку недели.

Најновиот наплив на инфекции ги натера локалните здравствени власти во Калифорнија да го откажат популарниот годишен фестивал на музика и уметност „Коачела“ и музичкиот фестивал „Стејџкоач“ закажан за октомври. И двата фестивали на отворено првично беа закажани за април, но беа одложени бидејќи почна да се шири епидемијата.

Експертите исто така стравуваат дека тековните протести на национално ниво, предизвикани од смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис, ќе доведат до уште поголем раст на бројот на инфекции. Демонстрантите се снимени на видео како одат рамо до рамо, иако многу од нив носеа маски.

Сепак, претставници на популарниот тематски парк „Дизниленд“ во Анхајм, Калифорнија, во средата објавија дека планираат да започнат со фазно отворање на Дизниленд и неговиот тематски парк, на 17 јули, на 65-годишнина од отворањето на Дизниленд. Забавниот гигант, исто така, најави постепено повторно отворање на тематските паркови во Орландо, Флорида, кон средината на јули.

Светската здравствена организација соопшти дека Латинска Америка е новото жариште на пандемијата на коронавирусот во светот, со најновите бројки на инфицирани со кои се зголемува вкупниот број случаи во регионот на над 1 милион и со над 70.000 смртни случаи.

Со 772.416 потврдени случаи, Бразил е најпогодената земја во регионот и се наоѓа веднаш зад САД.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG