Линкови за пристапност

Протести во САД, судири со полицијата во десетици градови


Њујорк
Њујорк

Петта ноќ по ред демонстрации по смртта на Џорџ Флојд, Африкански-Американец, кој бил држен приклештен на земја од бел полицаец

Пожари, пустошења и хаос избувнаа во десетици американски градови во саботата навечер, кога демонстранти се судрија со полицијата во протести предизвикани од смртта на човек од африканско-американско потекло, минатата недела, додека бил во рацете на полицијата, во средно-западниот град Минеаполис.

Полициски автомобили и владини згради биле запалени. Излози на продавниците искршени, додека ограбувачи однеле производи од висока вредност. Споменици во парковите вандализирани и испрскани со спрејови на боја.


Полицијата и властите во опрема за справување со нереди ги чувале улиците главно без интервенции, но претежно мирните улични демонстрации се зголемиле во обем во текот на денот. Некои од протестите станале насилни со настапување на ноќта, властите испукале проектили со хемиски иританти, солзавец и гумени куршуми на демонстрантите.

Многумина од протестантите го игнорирале полицискиот час поставен од градоначалниците во десетици градови, останале на улиците и се судриле со полицијата. Но протестанти во некои градови биле мирно уапсени заради непочитување на полицискиот час.

Властите последните денови, вклучувајќи го и Претседателот Трамп, кажаа дека ја разбираат лутината во врска со смртта на Џорџ Флојд, но повикаа на мирни протести и го осудија насилството, ветувајќи дека на насилството ќе биде одговорено со сила.

Флојд, 46-годишен црнец, кој бил држен со лисици додека лицето му било притиснато на земја, на улица во Минеаполис, повеќепатии рекол дека не може да диши, додека бел полицаец со колено го притискал на вратот. Флојд умрел, а полицаецот е обвинет за убиство од трет степен неколку дена подоцна. Снимки од смртта на Флојд, направени со мобилен телефон предизвикаа глоболна осуда, со протести кои се проширија низ државата.

Протестите растеа изминативе пет дена и станаа можеби најголемите меѓу двата брега на САД по оние против војната во Виетнам, во 1960-те.


Гувернерите на Минесота, каде Минеаполис е главен град, и 11 други држави побараа помош од трупите на Националната гарда да се вклучат во справување со уште една ноќ на протести.

Изминатите пет дена првично мирните протести дегенерираа во кражби, подметнување пожари и друго насилство во Минеаполис и соседниот град Свети Павле, како и во други градови низ САД.

Гувернерите во најмалку 11 други сојузни држави -- Џорџија, Кентаки, Охајо, Висконсин, Колорадо, Јута, Вашингтон, Калифорнија, Тенеси, Мисури и Тексас -- исто така ги активираа трупите на Националната гарда да помогнат во смирување на протестите кои на многу места станале насилни.

Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом објави вонредна состојба за Лос Анџелес, каде протестантите биле на улиците доцна во ноќта додека гореле пожари.

Во центарот на Инијанополис, имало пукање во саботата за време на втората ноќ на протести. Едно лице било убиено и две други повредени.

Речиси 1.400 лица биле уапсени низ државата, според податоци од Асошиетед прес од саботата. Вистинската цифра е веројатно поголема со продолжувањето на протестите во текот на ноќта.

Градоначалниците низ САД воспоставиле полициски час откако насилствата почнале во нивните градови, вклучувајќи ги Лос Анџелес, Сиетл, Атланта, Денвер, Филаделфија, Портланд во Орегон, и Колумбија во Јужна Каролина.

Во Њујорк, протестанти излегле на улица трета ноќ по ред и кусо време пред полноќ градоначалникот Бил де Блазио одржа прес конференција во Бруклин, недалеку од спортската арена каде се собираа протестантите. Тој рече дека бројот на оние кои се сеуште на улиците во тој час се стотици и апелираше до нив да се вратат дома.

Њујорк ја распореди Националната гарда и градоначалникот кажа дека полицискиот оддел на градот е „вистинската организација да се справи со ситуацијата бидејќи тие го разбираат градот“.

Протестите во близина на Белата куќа во Вашингтон еруптираа во насилство доцна во саботата. Некои протестанти фрлаа петарди и шишиња на обезбедувањето и на полицијата за заштита на американските паркови, кои употребија спреј за растерување на толпата. Подоцна, стотици протестанти ја опкружија Белата куќа, а некои краделе од блиските продавници кога пожар избувнал во близина на историскиот Хеј Адамс хотел.

Претседателот Трамп зборуваше за нередите во саботата попладне во Вселенскиот центар Кенеди, каде го следеше лансирањето на Спејс Икс.


„Смртта на Џорџ Флојд на улиците на Минеаполис, беше голема трагедија и не смееше да се случи. Ги исполни Американците во целата држава со ужас, лутина и жал“, рече тој.

„Стојам пред вас како пријател и сојузник на секој Американец што сака правда. И стојам пред вас во силна опозиција на секого што ја експлоатира трагедијата за ограбување, уништување, напаѓање и вознемирување. Заздравување, а не омраза, правда, а не хаос, се нашата мисија“, рече тој.

Но тој додаде дека Минеаполис не може да дозволи владеење на хаосот како што беше рано во петокот кога полицајците ја напуштиле полициската станица и ги игнорираа протестите неколку часови. Полицијата подоцна сепак употреби солзавец за растерување на толпата.

Претседателот за насилството во најголем дел ја обвини „Антифа и другите радикални лефтистички групи“, и на Минесота и понуди федерална армиска помош.

Лутината на нашата национална заедница за тоа што му се случи на Џорџ Флојд во Минеаполис е реална и легитимна
Вилијам Бар, Генерален правобранител


Генералниот правобранител Вилијам Бар во изјава кажа „Лутината на нашата национална заедница за тоа што му се случи на Џорџ Флојд во Минеаполис е реална и легитимна. Мора да биде постапено за одговорноста во неговата смрт“, тој додаде, „и се постапува по тоа, со примена на регуларна кривична постапка од нашиот правосуден систем. Тој систем функционира и се движи со голема брзина. Веќе се поднесени првичните обвиненија. Тој процес продолжува да напредува. Правдата ќе биде задоволена“.

Гувернерот на Минесота кажа дека организирани агитатори од надвор од државата се одговорни за дел од насилството, вклучувајќи ги белите супремацисти, анархисти и луѓе поврзани со картелите на дрога.

Националната гарда е резервна армиска сила со единици во секоја од 50-те сојузни држави, од кои најголем дел не служат полно работно време. Единиците можат да бидат активирани во вонредни ситуации од страна на гувернерите за да помогнат во справување со природни катастрофи или граѓански немири.

XS
SM
MD
LG