Линкови за пристапност

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ остануваат на своите дијаметрално спротивни ставови околу изборите


За владеачката партија 21 јуни е терминот кога треба да се одржат изборите со или без опозицијата. Мицкоски порача „нека им се со среќа на избори во јуни“. Нема нова лидерска средба на која би се договорил терминот за евентуално одржување на изборите. Вонредната состојба ќе трае заклучно со 30 мај

СКОПЈЕ - Предвремени парламентарни избори ќе има но кога? Сега веќе не се поставува прашањето дали и како ќе се одржат предвремените парламентарни избори туку кој ќе биде датумот кога граѓаните ќе излезат на гласање. И по две неуспешни лидерски средби, двете најголеми политички партии остануваат на своите зацементирани и дијаметрално спротивни ставови околу датумот кои денеска ги потврдија партиските лидери.

„Избори на 21 јуни ќе има со или без опозицијата“, кажа претседателот на СДСМ, Зоран Заев а малку подоцна претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му порача - „нека им е со среќа на избори во јуни“.

Според владечаката партија и нејзините претставници 21 јуни е терминот кога ќе се одржат изборите, не смее да се чека до септември поради опасноста од нов бран на епидемијата од коронавирусот, а сите услови за одржување се исполнети и роковите течат по завршувањето на воредната состојба која истекува на 29 овој месец.

„Сакаме да бидеме флексибилни. Сакаме да учествува опозицијата. Номиниравме дека не сме врзани за 21 јуни, сакаме во овој период на првиот бран на паѓање на кризата да излеземе на избори. Сакаме дијалог, сакаме договор, но ако нема договор не можеме со сила ние да натераме и другите страни да постигнат договор односно да одат на избори. На крајот сите поднеле листи и се кандидати на изборите, и изборите треба да се одржат не заради тоа што ние од СДСМ сме седнале и мислиме дека треба да има избори, туку заради тоа што законот тоа го пропишува, Уредбата со законска сила и Изборниот закон“, рече Заев на прес-конференција во седиштетот на партијата.

Според Заев, на вчерашната лидерската средба за терминот 21 јуни тие добиле поддршка од ДУИ, од ДПА и од БЕСА. Алијансата на Албанците и Алтернатива предложиле избори на 26 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ на 23 август, 30 август или 6 септември, но поради продолжениот викенд, бил предложен 13 септември.

Барањето на опозициската ВМРО - ДПМНЕ за него е нрпифатливо поради можноста за следен пик од коронавирусот и се повика на извештаите на Комисијата за заразни болести и на СЗО а посочи и дека избори ќе има во Србија и Хрватска.

„Бојкот на изборите не може да има бидејќи кандидатските листи веќе се прифатени, а е извршено и жребувањето.ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сакаат да ги одолговлекуваат изборите бидејќи се плашат од изборен пораз. Изборите тие ќе ги изгубат не поради Заев, туку поради сопствената политика и неквалитетни кадри“ изјави претседателот на СДСМ.

Попладнево се огласи и лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, кој не беше дециден во одговорот дали ќе ги бојкотираат изборите. Тој кажа дека на лидерската средба имало различни ставови за термините за одржување на изборите и додаде дека бројките на новозаболени и починати покажауваат дека избори не треба да има во јуни.

“Додека го давам интервјуто и додека зборувам за дати се чувствувам непријатно бидејќи денеска имаме нови 22 инфицирани и нови двајца кои го загубија животот. Вчера се извинив кон граѓаните, потоа говорникот после мене, Зоран Заев, се обиде сето тоа да го вулгаризира дека јас сум барал политичка средба кај господинот Пендаровски. И да, јас се согласувам дека ја побарав, но ја побарав за да разговараме за актуелната политичка стиуација во државата, економската, но пред се и над се, здравствената. Тогаш, ако се сеќавате, дојде одговор од СДСМ дека не е време за избори и дека нема што да одат на лидерска средба на која ќе разговараат за избори, иако никој тогаш не спомна избори за недела-две потоа, повторно за 180 степени да го променат својот став и да лиферуваат дати дека ако не оди опозицијата тогаш ќе оделе сами. Еве, ако одлучат да одат во јуни на избори, со среќа нека им се тие избори“, рече Мицкоски.

Слична изјава во текот на денот даде и потпретседателот Александар Николовски.

„Ќе не доведе во ситуација која излегувањето на избори значи ризик по граѓаните и тоа ќе доведе до очајна излезност. Не знам зошто да не се помести тоа за месец или два. Ние побаравме крајот на август и почеток на септември. Ние со вакви бројки, го гледаме Заев како притиска за избори. Ако планираат на 21 јуни да одат на избори со вакви бројки, ние нема да одиме, нека им е со среќа“, рече Николовски.

Експертите сметаат дека роковите течат и доколку се пробијат Уставниот суд може да ги прогласи за неуставни.

„Изборните рокови се во Уставот и во владината уредба донесена на 21 март. Изборите се веќе распишани и во уставен рок од 60 дена треба да се одржат. Поминаа 32 дена, остануваат уште 28 и тие продолжуваат истиот момент кога ќе престане вонредната состојба“, изјави за телевизијата „ Алсат“ професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Предвремените парламентарни избори првично требаше да се одржат на 12 април.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG