Линкови за пристапност

Законот за јавно обвинителство помина во Владата, Собранието е на потег


Со европско знаменце и по скратена постапка е процедурата во Парламентот откако власта го обезбеди двотретинско мнозинство. Клучна е поддршката од независните пратеници кои договорија прислушуваните разговори да не бидат докази во дел од постапките. За опозицијата носењето на законот е насилничко

СКОПЈЕ - Владата , нешто по полноќ, го усвои законот за јавно обвинителтво и со европско знаменце ќе го достави до Собранието. Седницата на Владата беше експресно закажана за 22 часот откако преговорите со парламентарни партии завршија и според власта беше обезбедено неопходното дветретинско мнозинство, без поддршката на претаниците од опозициската ВМРО - ДПМНЕ.

Што точно содржи законот за јавно обвинителство засега не е познато. Преку соопштение до јавноста осуммината поранешни пратеници од ВМРО - ДПМНЕ а сега независни открија детали од договорот што го постигнале во текот на преговорите. Клучно е што прислушуваните материјали повеќе нема да се користат бидејќи Обвинителството повеќе нема да може да подига обвиненија кои ќе се темелатна незаконски прислушуваните разговори.

Осуммината независни пратеници исто така издејствувалеЈавниот обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција да се бира со непосредно гласање на сите обвинители, обвинителите по завршувањето на Академијата мора три години да работат во основни обвинителства но и прислушуваните разговори да не може да се користат во два случаите - „Талир “ и „Талир 2“ кои се однесуваат на незаконсото финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и изградбата на партиското седиште.

Неофицијално, на седницата на Владата се разговарало и за двете барања на ДУИ, воведување на албанскиот јазик во Јавното обвинителство и спуштање на критериумите при избор на нови јавнои обвинители, барања кои на крајот биле прифатени.

На владината седница присуствуваа и техничките министри од опозицијат, Наќе Чулев и Рашела Мизрахи. Чулев го оцени носењето на законот како насилничко, спротивно на забелешките на експертите а се со целда се сокрие криминалот на власта

„Доцна вечерва на седница на Владата се изгласа предлог текст на Законот за јавно обвинителство. На насилнички начин, спротивно на Уставот и законите и меѓународните правни стандарди, владејачката партија изгласа закон кој во себе содржи до сега невидени одредби со кои сакаат да го скријат криминалот кој беше направен во последните три години. Во законот не се прифатени забелешките на експертите и тие вечерва се едногласни во констатациите дека овој закон претставува вистинско фијаско. Денес паѓаат во вода наводните заложбите на власта за владеењето на правото, а токму тоа е еден од клучните критериуми за започнување на преговорите со ЕУ. Носење на системски и круцијален закон без политички консезус и негово изгласување по скратена постапка ќе го поткопа и така кревкиот правен систем и наместо владеење на правото ќе донесе исполитизарано и пристрасно јавно обвинителство креирано по мерка и желба на одредена група на луѓе“, напиша Чулев на социјалната мрежа „Фејсбук“ половина час по завршувањето на седницата.

Членовите на независната пратеничка група се обратија до јавноста преку соопштение.

„Нашите искрени намери во овој период беа да се најде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото, согласно европските вредности и со цел да се оневозможи реваншизам, а да се овозможи правда. Апелираме ВМРО ДПМНЕ да даде конструктивни и издржани амандмани кои заедно ќе ги поддржиме и во интерес на граѓаните да донесеме законско решение во духот на градењето доверба во создавањето правна држава и дополнително заедно да и помогнеме на нашата држава во евроатланските процеси“,стои во соопштението на поранешните пратеници од опозицијата.


Некаде околу 19 часот министерката за правда, Рената Дескоска, на социјалната мрежа „Фејсбук“објави фотографија од бел чад- традиција при изборот на Папа алудирајќи дека е постигнат договор за Законот за јавно обвинителство.

Набрзо Владата соопшти дека е закажана седница за 22 часот а потоа се огласи и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој потврди дека е обезбедена двотретинска поддршка за законот и дека во него нема скриени амнестии. Тој потврди дека дел од барањата на неазвисните пратеници кореспондираат со оние на опозициската ВМРО - ДПМНЕ.

„Низ разговорите, кон содржината на Предлог-законот беа вградени и голем дел од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ, за кои се застапуваше и се избори Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија, со што се изнајде решение со кое ќе се обезбеди функционирањето на принципот на владеењето на правото согласно европските вредности и со што се создаваат услови да се овозможи фер и еднаквост на страните во постапките, а со крајна цел да се овозможи правда“, напиша Заев.

Тој тврди дека законот ги гарантира процесите на СЈО.

„Законот гарантира дека сите судски процеси кои произлегуваат од СЈО ќе добијат своја правна разрешница пред надлежните судови, низ професионална и фер постапка, базирана на докази. Она што ни беше една од основните цели, го обезбедивме - во законот нема скриена амнестија, секој за кој постои обвинение ќе си одговара пред институциите!“, потенцираше Заев.

На сајтот на Собранието сеуште нема информација во колку часот ќе се одржи долгоочекуваната седница. Она што е јасно е дека законот мора да се изгласа најдоцна до среда на полноќ, бидејќи тогаш Собранието се распушта согласно законските процедури поради предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.

Преговорите меѓу работните групи на СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ околу законот за јавно обвинителство почнаа во март годинава, а последните два месеци речиси и да немаше среди и процесот загалави во ќор сокак.

По последните најави од Франција и Холандија законот за јавно обвинителство стана еден од условите од кои ќе зависи одлуката на Самитот на ЕУ во март или Самиот на ЕУ – Западен балкан во мај дали на Македонија ќе и се даде датум за старт на предпристапните преговори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG