Линкови за пристапност

Рускоска и Јанева на одмор, истрагата за „Рекет“ без нови детали


Од обвинителството без нови детали, освен дека истрагата тече. Која е улогата на Катица Јанева останува енигма. Притисоците од домашната јавност, меѓународниот фактор и опозицијата да се расчисти случајот и улогата на Јанева растат

СКОПЈЕ - Дали првиот човек на Специјалното Јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева е колатерална штета во случајот „Рекет“ или пак активно соработувала со двајцата осомничени Бојан Јовановски - „Боки 13“ и Зоран Милевски е прашањето на кое домашната и меѓународната јавноста бара итен и конкретен одговор. Обвинителството со денови е без нови информации околу текот на истрагата но и евентуално проширување со нови осомничени лица со што се добива впечаток дека се држи на дистанца од Јанева иако обвинителката Вилма Рускоска беше децидна, на снимките доставени од бизнисменот-жртва се слуша глас на обвинител и дека станува збор за трговија со влијание. Оттаму само со информација дека истрагата тече и дека сеуште се вештачат телефоните и компјутерите запленети од притворените Јовановски и Милевски.

„Во предметот за кој покажувате интерес, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет презема истражни дејствија за утврдување на фактите и кривичната одговорност. Вештачењата на мобилните телефони, запленетите компјутери и други предмети се во тек. Доколку во текот на истрагата бидат утврдени елементи на други кривични дела или други сторители, постапката ќе биде проширена“, соопштија од Обвинителството за Гласот на Америка на македонски јазик.

Јанева која во моментов е на одмор, ја избегнува јавноста, а мора да одговори зошто кај мобилниот телефон кој бил „изгубен“ форензичарите утврдија дека е форматиран и дека се избришани сите податоци и зошто дала усна наредба за бришење на податоците на дел од компјутерите во СЈО.

Меѓународниот фактор испрати неколку пораки дека бара темелна истрага. Тоа го побараа еврокомесарот Јоханес Хан како и вршителот на должноста помошник-државен секретар за Европа и Евроазија,Филип Рикер кои допатуваа во официјална посета на државата. Американскиот заменик помошник државен секретар, Метју Палмер, беше дециден дека САД поддржуваат детална и транспарентна истрага и бараат да се испита докрај евентуалната улога на шефот на СЈО,Катица Јанева.

„Такви сериозни обвинувања бараат сериозен одговор. Ако постојат докази, тогаш соодетно обвинение ќе биде можност за властите и Северна Македонија да покажат почитување на владеење на правото, кое преставува фундаментална основа што ќе иж помогне на Северна Македонија да го продолжи европскиот пат. Ние ги поодржуваме и охрабруваме институциите на Северна Македонија да ја завршат оваа истрага“, рече Палмер во интервју за на Гласот на Америка на македонски јазик.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ и понатаму бара да се прошири истрагата и кон функционери од СДСМ кои биле блиски со осомничениот Јовановски.

„ Градоначалници, министри, обвинители и судии, две години се впуштиле во соработка со Бојан Јовановски наречен Боки 13, лице неколкукратно осудувано за финансиски криминал и финансиски малверзации. Тој човек без поткрепа од власта не можел да изнудува пари за кои што е осомничен. Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Фросина Ременски, Костадин Костадинов на еден или друг начин се поврзани со милионскиот рекет.Јавното обвинителство покрај проширувањето на истрагата кон Јанева, која според изјавите на Русковска била алатката со чија помош е вршен рекетот, мора да ја прошири истрагата и да ја испита поврзаноста на Заев, на Шекеринска, на Ременски, и на Костадинов и другите со милионскиот рекет“, изјави претпладнево Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО - ДПМНЕ.

Двајцата функционери на СДСМ кои најчесто и најмногу се поврзуваа со случајот „Рекет“ поради нивната блискост со Јовановски отфрлија било каква вина и тврдат дека не знаеле што се случува. Поранешниот генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовскиизјави дека не можеле да претпостават што прави, како што рече, „нивниот познаник Боки 13“.Фросина Ременски пак, која е почесен претседател во невладината организација на Јовановски, организација за која деновиве се открија финансиски малверзации во работењето, преку социјалната мрежа „Фејсбук“ соопшти дека не се противи Обвинителството да ја истражи нејзината улога во оваа организација.

Премиерот Зоран Заев пак вчера во видeо обраќање до јавноста порача дека доаѓа време „во кое правдата стапува на сцена, време во кое не смее да има штедење во борбата против криминалот и корупцијата.“

„Никој не е привилегиран и никој нема да биде амнестиран. Го охрабруваме Јавното Обвинителство да продолжи, до последно во оваа борба, без разлика до кого ќе стигне низ истрагата“, рече Заев.

Кога станува збор за законот за Јавното обвинителство со кој треба да биде решен и статусот на СЈО, засега нема никаков напредок во преговорите меѓу власта и опозицијата а обвинувањата за опструкции и амнестии продолжуваат.

Заев вчера вината ја лоцираше во опозицијата во опозициската ВМРО - ДПМНЕ и нејзиниот претседател Христијан Мицкоски.

„Ние сме пред конечниот чекор за ослободување на правосудството од стегите на режимот кој е зад нас. Огромна е одговорноста кај политичките субјекти во оваа борба за правната држава. Но, најголема одговорност има партијата што и донесе неправда на земјата и Мицкоски како прв човек на таа партија. Затоа јас ќе продолжам уште порешително да ја повикувам и убедувам опозицијата да ги поддржи реформите“, нагласи премиерот.

На ова денеска одговори и Мицкоски кој пак кажа дека „моќта и глупоста заедно се опасни„ и порача дека нема да поддржи закон чија цел е пресметка со политичките портивници и амнестирање на криминалот на Заеви.

„Но, да сме јасни, јас и ВМРО-ДПМНЕ не можеме да поддржиме закон кој има единствена цел, амнестија на криминалот на Заеви и пресметка со политичките противници од опозицијата. Заев не е во состојба да наметнува услови, ниту да диктира темпо, а правдата е потребна затоа што тој и неговите луѓе носат неправда. Нема да поддржиме со закон инсталирање на роднините, братучедите на помошниците на Катица, внуците, снаите, соседите и пријателите на Катица, но и по некој член од СДСМ во новото обвинителство“, напиша Мицкоски на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Околу законот се огласи и високиот претсваник на САД, Палмер, кој пак нагласи дека дека добивањето на датум за пристапни преговори со ЕУ во голема мерка ќе зависи од решавањето на статусот на СЈО и додаде дека е клучно двете страни да седнат да преговараат и да ги решат разликите бидејќи времето за политикантство заврши а дојде време за лидерство.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG