Линкови за пристапност

Граѓаните бараат спас за Охридското Езеро


Заштитниците на животната средина од Охрид и Струга со соопштенија и писма до премиерот и до локалната власт, се обидуваат да го заштитат природното наследство

Откако Инспекторатот за животна средина соопшти дека контроверзната градба на хотел во Лагадин, на Охридското Езеро, се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот во кои не се дозволени објекти од цврста градба. а во медиумите беше објавено и дека во случај на изградбата на спорниот хотел ќе биде прекршен и Уставот и 12 закони, Константин Георгиевски, вршител на должноста градоначалник на Охрид, потврди дека го потпишал решението за забрана за градба но дека инвеститорот повторно има право да се жали на Второстепената комисија.

Според медиумите тоа е седмо поништување на одобрението за градба за инвеститорот. Последното одобрение е издадено во 2016 година, но под притисок на невладини организации и на револтирани граѓани, кои поставуваа и блокади, Општина Охрид подоцна го укина. Според актуелниот в.д. градоначалник пак, инвеститорот добил дозвола врз постоечки Детален урбанистички план што предвидува во тоа заштитено подрачје да има хотел.

„Јас го поништив решението и не може да се гради врз основа на низа прекршувања во процедурата, како на пример, ненавремено известување за почеток на градба... Ќе видиме што ќе биде, но ова е прво донесено решение со кое инвеститорот не смее да гради врз основа на овие прекршувања на процедурата“, изјавил Георгиески. Според него, случајот е многу деликатен, и има многу решенија за уривање на објекти и платформи на Езерото, но уривањето не е решение. „Од една страна носиме Закон за легализација на дивоградби, а од друга, треба да уриваме?!“, вели градоначалникот Георгиески.

Иако активистите и борците за заштита на Охридското Езеро и на животната средина перманетно протестираат, случајот со спорниот хотел во Лагадин стана топ-тема во целата држава дури откако минатиот месец, на трибина во Охрид, премиерот Зоран Заев му вети на инвеститорот дека тој лично ќе се заложи за изградба на хотелот.

„Има една работа, премиерот интервенира оти правото е на ваша страна, министерот интервенира оти правото е на ваша страна. Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може - ’не бива‘. ’Не бива‘, не може најлесно да биде - ’не‘. Ќе најдат начин како да биде - ’да‘. Затоа што баналноста на одговорот, дадено одобрение за градба, почнувате со градба, објектот ви е готов, и при контрола вели - дека не сте информирале дека сте почнале со градба. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај!“, му порача тогаш Заев на инвеститорот Никола Толески.

Ваквата изјава предизвика жестоки реакции на охриѓани кои сметаа дека на тој начин се охрабрува корупцијата и криминалот. Во март 2017 година, кога СДСМ беше во опозиција на локално ниво, партијата имаше спротивен став од актуелниот став на својот лидер и бараше „локалната власт во Охрид, предводена од неодговорни политичари, веднаш да престане да го уништува и загрозува природно наследство“, особено во најелитната и најатрактивната туристичка населба на охридското крајбрежје, која е дел од Националниот парк ‘Галичица’“.

Премиерот Заев имаше и средба со претставниците на Координативното тело на граѓански здруженија за животна средина, на која тие претставиле „дел од своите сугестии за различните сектори од животната средина - водата, обновливите извори, квалитетот на воздухот, отпадот, како и ставовите за подобрување на законската регулатива, во согласност со ЕУ регулативите. Според официјалното соопштение, премиерот „изразил подготвеност и волја за продолжување на заложбата на Владата за соработката со граѓанскиот сектор во насока на размена на идеи и ставови при операционализација на политиките за различните области од животната средина“.

Но, активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“, јавно му одговорија на в.д. градоначалникот Константин Георгиески, за неговите обвинувања дека ненавремено реагирале при усвојување на урбанистичката документација за Лагадин.

„Дали се потрудивте да се информирате колку, и дали воопшто, јавноста била ефективно известена за носењето на спорните документи; дали било обезбедено нејзиното присуство?.. Здружението на граѓани ‘Стар Лагадин’, кое лагадинци го формираа за да си го остварат уставно-загарантираното право на учество во одлуките кои ги засегаат на локално ниво – истово прашање му го постави и на Уставниот суд од кој наскоро се очекува одлуката за оценување на уставноста и законитоста на Општиот акт за Лагадин“, се вели во реакцијата на „Охрид СОС“.

Иницијативата „Охрид СОС“, реагираше дека само два месеца по извештајот на УНЕСКО за напредокот во спроведување на препораките, Општина Охрид предложила документ „за вклопување на бесправно изградените објекти во автокампот ‘Градиште’, на локација на самиот брег на Охридското Езеро, непосредно до археолошкиот музеј, остатоците од римската тврдина и туристичката атракција ‘Заливот на коските’“, за која сè уште не се решени сопственичките права“.

„Зошто воопшто се глуми конструктивност пред меѓународните институции, кога зад грб се форсираат вакви работи? Лицемерието, односно контрадикторните ставови, не се ништо ново за тековната Влада на Република Македонија. Пред неколку дена, вон сите правила и прописи, премиерот Зоран Заев му вети на ‘чичко Никола’ дека ќе го доврши нелегалниот ‘семеен’ објект“, пишуваат од „Охрид СОС“, и препорачуваат дека наместо таа одлука, треба да се усвои одлуката за мораториум на градби, во согласност со препораката бр. 6 од УНЕСКО.

„Ја потсетуваме Влада на Република Македонија дека согласно акцискиот план кон Извештајот за напредокот од февруари 2018, имаше обврска да направи инвенторизација на сите нелегални градби во рамките на доброто на УНЕСКО и тоа до ноември 2018, а во согласност со препорака 9 од Реактивната мисија на УНЕСКО. Понатаму, да изработи Стратешка оцена за влијанието врз животната средина и културното наследство, која ќе го процени влијанието на овие градби врз исклучителената универзална вредност на доброто и да ги отстрани сите нелегални градби, особено во НП ‘Галичица’... Дали Владата ја исполни својата задача?“, прашува „Охрид СОС“.

На загрозувањето на животната средина околу Езерото, еагираа и стружани. Иако градоначалникот Рамиз Мерко тврди дека „ ништо драматично не се случува“, по опожарувањето на трската на струшкото крајбрежје, која властите ја проследија со молк, а на социјалните мрежи имаше реакции дека на тој начин се обезбедуваат нови локации за градба, активистите револтирано порачуваат - „Нема трска нема мир!”. Граѓаните организираат и еко-патроли, чии извештаи се дека во крајбрежниот појас трските се сечат, палат и копачат - до уништување.

Во медиумите беше објавена реакција од струшкиот музеј во која се тврди дека се работи за свесно уништување на природното богатство.

„Појасот на трски е од огромно значење, заштитен појас на бреговите од ерозија, намалување на влијанието на бранот на езерото, живеалиште на голем број птици. Свесни ли сте што уништувате. И за што? За туристите кои кога ќе дојдат во Струга место да уживаат во природната убавина да гледаат комплекс на дивоградби?”

И „Охрид СОС“ смета дека целта на опожарувањето на трските е создавање слободни локации за изградба на нови објекти за туристичката сезона. И во медиумите беше објавено дека на одделни парцели меѓу Струга и Калишта земјиштето се тампонира, и се поставуваат бетонски огради, а како последица на ордедени локации се фрла градежен шут. Со образложение дека се користи перидот пред најавеното преземање на ингеренциите за плажите од локалната на централната власт, активистите обвинуваат дека непознати узурпатори почнале со градба на објекти непосредно до езерото

„Се чини, како да е ова ничија земја, како да не важат овде законите на државата, како да нема никаква контрола од надлежните институции. Не се знае кој узурпира, кој гради... Глетката е ужасна. Оваа ситуација не беше спомната во одговорот на македонските институции до УНЕСКО. Свесно е премолчено ова намерно уништување на природата, појасот трска, кој е овде најконзистентен”, порачуваат од „Охрид СОС“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG