Линкови за пристапност

Собранието ги усвои измените на Уставот


Македонија го исполни својот дел од обврски предвидени во Договорот со Грција. Сега на потег е официјална Атина. Првите честитки пристигнаа од САД, НАТО и ЕУ, и грчкиот премиер Ципрас. Опозицијата не прифаќа промена на уставното име и побара предвремени парламентари избори

СКОПЈЕ - Со 81 глас „за“ пратениците ги усвоија четирите амандмани предложени од Владата кои беа предвидени во Договорот со Грција а со кои името на државата се менува во „Република Северна Македонија“. Одлуката со која амандманите 33, 34, 35 и 36 стануваат дел од Уставот го доби истот број на гласови. На крајот со двотретинско мнозинство е усвоен и Уставниот закон со кој се регулира и државјанството како „македонско / граѓанин на Република Северна Македонија“.

Усвојувањето на уставните измени доцна попладнево дојде по три дена преговори за обезбедување на неопходното мнозинство. Премиерот Зоран Заев успеа да се договори со лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села и осумчлената независна група на пратеници од ВМРО - ДПМНЕ а преговорите лидерот на крилото на БЕСА, Биљал Касами траеа со последен момент. Постигнатиот договор со БЕСА значеше дека се обезбедни гласовите на двајцата пратеници и со тоа и двотретинското мнозинство. Заев и Касами ги кршеа копјата околу државјанството.

„Потврдуваме дека државјанството е македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, при тоа прифатен е амандман на Уставниот закон со кој се потврдува државјанството македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и се појаснува како ќе гласи за граѓаните Албанци на албански јазик, и ќе се утврди во сите закони каде што е тоа потребно“, стои во заедничкото соопштение на Владата и БЕСА.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли, Денес, со видео порака ја поздрави одлуката на Собранието.

„ Македонија донесе историска одлука. САДја поздравуваат одлуката на вашите избрани претставници. Кога процесот ќе заврши со ратификување од страна на Грција, овој Договор конечно ќе го реши спорот со името, што предолго ги спречуваше граѓаните на Македонија да ги реализираат своите цели за членство во НАТО и во Европската Унија. Ги поздравувам вашите лидери во Владата и во Собранието поради нивната визија, храброст и истрајност во барањето на решение и ставањето на долгорочните стратешки интереси на Македонија на прво место“, рече Бејли и додаде дека со нетрпение чека да и посака добредојде на Република Северна Македонија како 30-та членка на НАТО.

Кусо по изгласувањето на уставните измени пристигнаа честитки од ЕУ и НАТО.

Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот Јоханес Хан испратија соопштение во кое покрај честитиките нагласија и дека ова е клучен чекор во спроведувањето на историскиот договор од Преспа.

“Политичките лидери и граѓаните ја покажаа својата решеност да ја искористат оваа уникатна и историска можност во решавањето на еден од најстарите спорови во регионот и решително да напредуваат на патот на Европската унија. ЕУ силно го поддржува овој договор кој создава пример за помирување за регионот и за Европа како целина“, се наведува во соопштението на Могерини и Хан кој пак се обрати и со лична порака до македонските граѓани и македонската влада.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, преку социјалната мрежа „Твитер“ со директна порака до премиерот Заев.

„НАТО силно ја поддржува целосната имплементација на Договорот, што е важен придонес за стабилен и просперитетен регион“, напиша Столтенберг.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас телефонски разговорал со Заев и му честитал на усвојувањето на изставните измени. Сега токму официјлна Атина е на потег бидејќи договорот треба да се ратификува во грчкиот Парламент. Според најавите на Владата на Ципрас, мнозинството е обезбедено и гласањето ќе биде до крајот на овој месец.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак, на прес конференција соопшти дека не ги поддршува измените на Уставот, обвини за уцени и притисоци врз нивните пратеници за да се обезбеди мнозинство при гласањето, најави можен бојкот на Собранието и побара предвремени парламентарни избори заедно со претседателските.

„ ВМРО-ДПМНЕ не ја подржува промената на Уставот со цел промена на уставното име на Република Македонија. Промената на Уставот се направи на противуставен, противзаконски, нелегитимен, насилен и криминален начин, по пат на притисоци, закани, уцени и пазарења. ВМРО-ДПМНЕ бара веднаш распуштање на парламентот и одржување на вондредни парламентари избори заедно со претседателските избори“, рече шефот на партијата, Христијан Мицкоски и нагласи дека ова е одлука на 81 пратеник а не на македонските граѓани.

Пред Собранието продолжи протестот на движењето „Македонија Блокира“ кои исто така бараат распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG