СКОПЈЕ - Денес во Собранието почнува последната, трета фаза, од процесот на уставните измени кои произлегуваат од Договорот со Грција. На дневен ред се утврдување на четирите предлог амандмани на Уставот на Република Македонија, нивно носење и прогласување. Предлагач на амандманите е Владата.
Со првиот амандман се предвидува, во Уставот, зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ да се замени со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36. Вториот амандман предвидува во Преамбулата зборовите „одлуките на АСНОМ“ да се заменат со „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” но и да се додаде Охридскиот рамковен договор. Во третиот амандман се наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот предвидува државата да ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, да ги унапредува нивните врски со татковината и да не се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
Опозициската ВМРО - ДПМНЕ најави дека нема да учествува во расправата и нема да ги поддржи уставните измени. Токму затоа се очекува расправата да трае пократко од предвиденото и целиот процес да заврши до крајот на неделата. Крајниот рок за гласање на уставните измени, како што најавија од Владата е 15 јануари.
Премиерот Заев, официјално сеуште го нема двотретинското мнозинство за уставните амандмани.
Тој вчера имаше средба со претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој во првата фаза даде поддршка на измените и обезбеди три гласа во Парламентот. Заев прифати голем дел од барањата на Алијанса за повторно да ги обезбедни нивните гласови.
„ Во Преамбулата на Уставот зборот „граѓаните“ ќе биде употребен само еднаш, при што по Македонскиот народ, директно ќе бидат додадени „и дел од Албанскиот народ, Турскиот народ...“, со понатамошно наведување на сите етнички заедници. Наместо дијаспората на Македонскиот народ, се додава „и на другите заедници“ и со амандман на Уставниот закон се внесува и Косово како петти сосед на нашата држава“, изјави премиерот по средбата со лидерот на Алијанса.
Села пак кажа дека е задоволен од договореното и нагласи дека неговата партија останува на истата позиција за членство на Македонија во ЕУ и НАТО додаде дека нема да се откажат од барањето за воведувањето на албанскиот јазик како официјален на целата територија на државата.
„Дали ќе гласаме ќе се знае на чинот на гласањето“, рече Села.
Преговорите со тетoвското крило на БЕСА кое го предводи Билал Касами и кој има два пратеника во Собранието продолжуваат. Барањата на оваа партија се речиси идентични со оние на Алијансата за Албанците. Клучно барање на БЕСА е да се прецизира дека државата не е моноетничка, како што имплицира делот “македонско државјанство“ кој бараат да се избрише и да стои само „граѓанин на Република Северна Македонија“. Тие не откриваат дали ќе ги поддржат измените и ќе ги дадат неопходните два гласа „за“.
„Тоа е прашање на дебата. Не можам да прејудицирам, да оставиме простор во утрешната дебата и наредните денови, како ќе рефлектира мнозинството и Владата. Ние потоа ќе излеземе со соодветен став“, изјави пратеникот на БЕСА, Фадил Зендели нагласувајќи дека цврсто стојат на своите барања.
Ситуацијата дополнително се комплицира бидејќи доколку се уважи барањето на БЕСА отпаѓа поддршката на осуммината пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Според нив бришењето на терминот „македонско“ од документите е спротивно на гаранциите за јакнење на идентитетот.
Доколку измените на уставот поминат во Собранието, процесот се префрла во Грција каде парламентот во Атина ќе треба да го ратификува договорот. Портпаролот на грчката Влада,Димитрис Ѕанакопулос, е убеден дека Договорот ќе го добие потребното мнозинство.
„Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници, независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена“, изјави Ѕанакопулос.
За денеска напладне, најавен е и протест пред Собранието против уставните измени зад кој стои движењето „Македонија Блокира“ кое е составено од 84 граѓански здруженија и помали политички партии.
Процесот на уставните измени започна на 19 октомври кога првпат беше обезбедено двотретинско мнозинство.
Facebook Forum