Линкови за пристапност

Нов Устав во јануари или нова влада во декември


Гласањето во понеделник ќе покаже во која насока ќе се движат настаните. Доколку има двтотретинско мнозинство ќе се оди на менување на уставот, во спротивно на избори. И во двата случаи временските рокови течат и постои можност Договорот да не стигне на време на ратификација во грчкиот парламент

СКОПЈЕ - Дебатата во Комисијата за уставни прашања продолжи и денес, а ставовите се исти и дијаметрално спротивни. Претставниците на Владата бараат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во понеделник да гласаат за уставните измени, а тие пак најавија дека нема да ги поддржат.

Седницата на Собранието е закажана за понеделник доколку се исцрпи дебатата во Комисијата за уставни прашања. Можно е да биде поместена во случај да има уште членови на комисијата пријавени да говорат на претресот, но тоа е малку веројатно.

Собранискиот деловник ги уредува сите процедури и постапки кога станува збор за работењето на Собранието и комисиите.Гласот на Америка ја анализираше главата 10 од Деловникот која се однесува токму на уставните измени. Според пропишаните рокови, процедурата за измена на уставот оди во три фази кои може да траат до 110 дена, но постои можност роковите да се скратат и притоа да се запази законската процедура. Во најдобар случај, доколку во понеделник се дојде до двотретинско мнозинство, уставните измени би стапиле на сила на почетокот на јануари идната година.

Во моментов тече првата фаза од постапката. Според член 196 став 2 од Деловникот, претресот во Комисијата може да трае најмногу до 10 дена. Спикерот Талат Џафери во средата предвиде дека претресот ќе биде завршен денес или најдоцна утре и ја закажа пленарната седница за понеделник. Доколку уставните измени добијат поддршка од најмалку 80 пратеници се преминува на следната фаза.

„Со тоа би завршила само првата фаза, и остануваат уште две. Доколку измените се усвојат со двотретинско мнозинство на истата седница се носи заклучок со кој предлагачот (Владата) се задолжува во рок од 10 дена да ги достави нацрт амандманите. Потоа се свикува нова седница на Комисијата и нова Пленарна седница на Собранието“, објаснува Џафери.

Откако Владата ќе ги достави уставните амандмани до Собранието ќе почнат да течат нови рокови кои се предвидени со членот 198, став 1 и 2. Во оваа фаза Собранието, Комисијата за уставни прашања и Законодавно-правната комисијаможат да расправаат по три дена одделно за секој амандман, а со оглед дека станува збор за четири измени тоа значи најмногу до 36 работни дена.

По ова текстовите од нацрт амандманите доставени од Владата одат на јавна расправа во Собранието за која не е предвиден временски рок.

Во третата фаза се повторуваат роковите од три дена за Собранието и двете комисии за претрес и расправа по текстот на секој амандман одделно како што предвидува член 201 од Собранискиот Деловник, а потоа се преминува на гласање за кое повторно е потребно двотретинско мнозинство. Со изгласувањето завршува постапката и се усвојуваат измените во Уставот со што и се исполнува условот од Договорот со Грција.

Битно е да се напомене дека во текот на процедурата постојат уште два процеси кои одземаат време. Станува збор за временскиот рок во кој Владата како предлагач е должна да го достави текстот на нацртот на амандманите што е до 30 дена ( член 197) пред пленарната Седница и текстот на предлогот на амандманите со образложение и резултат од јавната дискусија која Владата мора да ги достави до спикерот Џафери најдоцна до 30 дена пред почетокот на последната Пленарна седница за гласање ( член 199).

Доколку уставните измени не поминат во понеделник, односно не се постигне двотретинското мнозинство, најавите се дека ќе се оди на брзи предвремени избори.

Процедурата е предвидена со член 63 од Уставот каде стои дека по самораспуштањето на Собранието избори може да се одржат во рок од 60 дена. Досегашната пракса покажува дека тој период трае меѓу 45 и 55 дена со оглед дека постои можност за кратење на роковите.Тоа значи дека избори би се спровеле најрано на 9 декември и по завршувањето на рокот за жалби Претседателот Иванов има 10 дена кои ги предвидува член 90 од Уставот да го додели мандатот на идниот премиер. Во овој случај, дури по конституирањето на новиот пратенички состав на Собранието би се пристапило кон уставните измени најрано до средината на март идната година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG