Линкови за пристапност

Петре и песната за сонцето и солидарноста


„Јас сум пред сé музичар, и често се прашувам како ги напишав тие силни зборови за композицијата. Одговорот е јасен: имав премногу силна инспирација во болката на сите тие луѓе која се одвиваше пред моите очи“

„На денешен ден загинаа невини луѓе по пругите, барајќи мир и подобар живот. Песната им ја посветив ним... Никогаш да не се повтори!„, напиша на 23-ти април 2017-та, велешанецот Петре Штерјов, пласирајќи ја на Јутјуб каналот својата песна, напишана две години пред тоа, во време на големата бегалска криза во Македонија.

По тој повод, канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на ООН во Македонија, порача: „Музичарот Петре Штерјов за кампањата „Земја на сонцето, земја на солидарноста“ ја компонира и изведе песната „Исти“, за која и за чии пораки на хуманост, сочувство и добрина кон луѓето во неволја, ние, вработените во УНХЦР, сме му бескрајно благодарни. Песната е прекрасен подарок за бегалците и за сите луѓе кои им помагаат ним... Петре, добрината и хуманоста нека продолжат да ти бидат водилки во животот и инспирација за преубава музика“.

По завршување на средното музичко училиште во Битола, Штерјов дипломирал на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на Одделот за музичка теорија и педагогија и хорско диригирање кај професорот Сашо Татарчевски и на Факултетот за музичка уметност во Штип, на Одделот за пијано, во класата на професорката д-р Милица Шкариќ. По две години работа како музички педагог во детска градинка во Велес, заминува од Македонија. Сега живее во Белгија и работи како професор по солфеж и теорија на музика.

„Откако неколку пати ја видов на телевизија Ленче Здравкин, како зборува за нејзните патешествија со бегалците, ми се вклучи алармот за помош. Бев и малку лут на себеси, затоа што доцна дознав што точно се случувало по пругите што минуваат и низ мојот град. Имајќи предвид дека бев сé уште студент, со бројни професионални обврски - солистички пијано-концерти, покрај редовните испити, успеав да се убедам дека никогаш не е доцна да се помогне. Особено, согледувајќи ги размерите кои оваа човечка трагедија ги имаше и нејзиното продолжено траење, бев цврсто убеден дека секој од нас треба да се помести од својата комфорна зона и без многу филозофирање - да помогне, таму, на лице место, на терен“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, младиот велешанец Петре Штерјов, комплетен автор на песната „Исти“, посветена на бегалците кои патувајќи кон Западна Европа и својата „ветена земја“, често ги губеа животите во несреќите на железничките пруги низ Македонија.

„Прво, ги исправ и испеглав речиси сите мои блузи, оставив само две за мене. Сé друго спакував и однесов кај Ленче, кај која се собираше помошта... По неколку дена, мајка ми беше зачудена – каде е облеката од мојот шкаф. И реков дека мене и две блузи ми се доволни, а кутрите бегалци, немаат во што да се пресоблечат, по сите тие денови пешачење. Ги алармирав и сите мои другари. Носевме кај Ленче вреќи со алишта и секако, шишиња вода... И празни шишиња, оти немавме во што да сипуваме вода за бегалците. Потоа, се разбудија и други луѓе, побогати семејства, тргнаа и донации, се вклучија фабрики, разни организации... Иако, тргна кон подобро, се прашувавме: до кога? Така, дојде и до идејата за песната... Ленче ме покани кај неа и ми кажа дека јас како музичар (имав и куса кариера како пејач), би можел да помогнам да создадеме нешто помоќно, нешто што обединува, што разбудува... Песната ги доби своите контури за еден час. Исто како и текстот, следниот ден. Сé уште се сеќавам на првиот пат кога ја отсвирев и отпеав пред Ленче, кај мене дома, на моето пијано.. Силно ја погоди.. И денес си велам дека напишав силни зборови, но инспирацијата беше пресилна! Болката на сите тие луѓе, сé што видов, што се случуваше пред моите очи. Сите тие што тогаш беа на терен знаат најдобро...“.

И Ленче Здравкин, „мајката на бегалците“ од периодот на кризата, која деновиве Одборот за доделување на државната награда „Мајка Тереза“ ја награди со престижното признание за 2018-та година, за „особено значајни остварувања од интерес на државата во областа на хуманоста и човековата солидарност и за поттикнување, унапредување на меѓусобното разбирање и развојот на соработката како помеѓу народите, така и помеѓу припадниците на различните заедници, култури и вери“ (наградата ќе и биде доделена на свеченост во Собранието на Република Македонија на 26 август), не штеди зборови на пофалба за Штерјов.

„Тој беше еден од волонтерите кои работеа колку што можеа. На раце го носеа лебот од другиот крај на Велес - до мојата куќа, за да има леб за бегалците кои доаѓаа ноќе. И пластични шишиња собираше, за вода за бегалците. А потоа, нé воодушеви и ја напиша песната...“, изјави Здравкин за Гласот на Америка на македонски јазик.

„Песната беше снимена во Велес, во студиото на „Импакт продукција“, а Темелко Андреевски го направи преубавиот аранжман. Ја снимив за половина час. Ги отпеав и придружните вокали... Одамна пред тоа, немав направено проект како пејач, зашто сметав дека тоа во Македонија е бесполезно. Но, овој пат, целта беше поинаква... Песна како „Исти“ е подложена на постојана и константна промоција, и треба да врти на медиумите. Пораката сé уште е актуелна, и секогаш ќе биде! Зашто проблемот, за жал, е актуелен, а според историјата на човештвото, ќе има уште многу проблеми, како во Македонија во 2015-2016-та... Би сакал да се направи видео-материјал со превод на повеќе јазици, за да се пренесе пораката“, ни изјави Штерјов.

„Штерјов беше во групата пијанисти која ја водеше професорката Милица Шкариќ, што во 2016-та реализира три концерти посветени на композиторот Зографски (во Белгија, во Скопје и во Штип) и тие беа првите добитници на Гран наградата која Фондацијата ја воспостави во 2016-та година, по повод 10-годишнина од основањето. Петре е вонредно талентиран за музика, има апсолутен слух, и е многу позрел од своите врсници. Потекнува од скромно семејство од Велес: се шегуваше кога се видовме, дека тешко се привикнува на повисокиот стандард во Белгија! Пред неколку години на концерт во Велес се запознал со младиот белгиски пијанист Бенјамин Димон и реши да замине во Белгија, каде е педагог на Conservatoire Royal de Mons – Ecole superieure des Art. Штерјов е еден од десетиците дипломирани музичари кои од Македонија заминаа во европските земји, каде навистина имаат подобри услови за усовршување. А уметниците се сепак, една особена „сорта“, изјави за Гласот на Америка на македонски јазик, директорката на Фондацијата „Томислав Зографски“, Панда Зографска Беличанец.

„Јас немам посебен став кон бегалците, имам став кон луѓето... На кои им е потребна помош и човештина. За луѓето кои умираат одејќи, плачејќи за леб, за покрив над главата... Сум живеел и во беда, за среќа, не како нивната, но сепак, беда... Болно е да гледаш трагедии пред себе, а да ти се рацете врзани и да не си во состојба да помогнеш. Онаму каде е потребна помош, нема нација и религија, нема граници и пасоши... Но, страшни проблеми знаеме да направиме ние, луѓето...“, порача во изјавата за Гласот на Америка, композиторот Штерјов.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG