Линкови за пристапност

Транспаренси: Македонија е најкорумпирана држава во Европа


За пет години, Македонија падна повеќе од педесет места на светската скала на индекс за корупција. Борба против корупцијата има само на хартија, се вели во новиот извештај

Корупцијата во Македонија царува, државата е заробена во парите кои се вртат за поткуп, законите не фукнционираат, институциите не работат, а корупмираните службеници, бирократи, функционери и бинизмени сеуште се недопирливи. Токму затоа продолжува слободниот пад на Македонија на светската индекс за степенот на корупција. Оваа година државата е рангирана на рекордно ниско, 107-мо место во светот.

Според извештајот кој го објави Транспаренси интернешенел, Македонија е најкорумпираната држава на Балканот и во Европа. Сумираните податоци во извештајот се од 13 извори на податоци од 12 институции специјализирани од областа на анализирање на бизнис климата. Врз основа на овие податоци, Македонија само за една година бележи нов пад, овој пат од 17 места на индексот и сега има ист ранг со Етиопија, Ерменија и Виетнам.

„Проблемот и понатаму ескалира. Нема видливи резултати од мерките кои се преземаат да се спречи корупцијата. Денеска се наоѓаме на најниското место 107 место откако постои индексот за перцепција на корупцијата. Резултатот покажува дека продолжува политиката на клиентелизам и интереси, а власта продолжува да ги занемарува сите укажувања за ексалација на проблемот со коруцпијата“, изјави Слаѓана Тасева, председател на Транспаренси интернешенел.

Македонија е најкорумпираната држава во регионот, на Балканот и во Европа покажува извештајот. Од балканските држави, Црна Гора е најдобро рангирана, на 69 место, Србија е на 77, Косово на 85 а Босна и Херцеговина и Албанија го делат 95-то место.

Во Европската Унија пак, како најкорумпирана држава се води Бугарија која е далеку пред нас, на 71-то место.

​Корупцијата во Македонија е присутна во секоја пора од општеството, граѓаните се свесни за степенот на корумпираноста и често мораат да подмитуваат за да ја добијат услугата загарантирана со закон. Ова го покажуваат сите анализи и статистиките на невладиниот, но и на владиниот скетор изготвени во последните пет години.

„Системот на заробена држава се` уште опстојува и го оневозможува работењето на институциите задолжени за борба со корупцијата, пред се` јавното обвинителство и службите за спроведување на законот. Државната комисија за спречување на корупцијата и натаму е немоќна да се справи со проблемот на судир на интереси и да ја контролира имотната состојба на функционерите“, вели Тасева.

За граѓаните, најкорупмирани се судскиот сектор, јавната администрација и економските институции. Како високо коруптивни ги оценуваат полицијата, царината и здравствениот сектор. Токму затоа на врвот од листата на приоритети на граѓаните секогаш била борбата против корупцијата во Македонија која се проценува дека тежи над стотина милиони евра годишно.

„Одговорните за корупција и понатаму се заштитени и недопирливи. Затоа, и натаму постои системот во кој наспроти правото, владеат интереси. Укажуваме дека овој систем мора да се замени, мора да владее правото, а институциите мораат да бидат професионални и ефикасни, за да можат да превземат сериозни мерки за справување со корупцијата“, додава Тасева.

Анализите покажуваат дека иако Македонија има релативно добри закони за борба против корупцијата, многу ретко некој случај влегува во процедура, а речиси никогаш нема судска разврска. Најмногу се посочува кон Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која со години нема отворено ниту еден посериозен предмет против некој државен функционер.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG