Линкови за пристапност

СЈО отвори седум нови истраги


Осомничени се 17 лица, поранешни функционери од локалната и извршната власт. СЈО ја напушти досегашната пракса и новите истраги овојпат не почнуваат на буквата „Т“

Набавка на медицинска опрема, измама со пријавување на патни трошоци, фалсификување на извештај околу нелегалното прислушување, ангажирање на фирми без јавен оглас, бесправно градење... Специјалното јавно обвинителство (СЈО), денеска соопшти дека отвара седум истраги во кои се осомничени вкупно 17 лица, поранешни функционери во локалната и извршната власт како и во тајната полиција. „Странски служби“, „Друмарина“, „Продуцент“, „Лидери“ и „Рентген“ се комплетно нови истраги кои потекнуваат од нелегално прислушуваните разговори.

Во првата истрага под кодно име „Странски служби“, осомничени се две лица од тајната полиција - УБК. Едниот од нив, кој во тоа време бил началник за оперативна техника на МВР, ангажирал странска компанија за да направи извештај во кој ќе стои дека на територијата на Град Скопје масовното прислушување било вршено од „странски служби“ преку двојни базни станици.

„Ваквиот извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното незаконско прислушување го извршиле странски служби. Се разбира, свој интерес за изготвување на ваков невистинит извештај имала и странската компанија и таквиот интерес набрзо се реализирал“, рече обвинителката Фетаи.

Еден месец по изготвување на извештајот, во декември 2014 година, компанијата, надвор од процедурите за јавни набавки, добила тендер за набавка на опрема за потребите на МВР.

Во „Друмарина“ осомничена е поранешна пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, која на име на патни трошоци во периодот од 2011 до 2015 година инкасирала околу 100 илјади евра. Истрагата покажала дека таа имала постојан престој во Скопје и дека ги фалсификувала потврдите од патарина со цел да прикаже дека секојдневно патува од Струмица за Скопје.

Според приложените сметки, во четирите години таа 843 пати патувала со сопственото возило од Струмица до Скопје. Од СЈО соопштија дека според пријавените трошоци таа требало да помине околу 235 илјади километри, а километражата на возилото покажувала дека се поминати 100 илјади километри помалку.

„Ова е дополнителен показател дека осомничената реално не ги направила прикажанатите трошоци и го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконска исплата на средства за патни трошоци“, додаде бвинителката Фатиме Фетаи.

Во истрагата „Рентген“, осомничен е поранешен министер за здравство, кој фаворизирал една компанија која учествувала на тендер за набавка на медицинска опрема. Откако во јавноста беше обелоденета аферата „Висарис“ во која фирма на една позната новинарака добила тендер за набвака на рентген апаратани, министерот го поништил договорот и склучил договор со второрангираната фирма, иако според законските процедури требало во целост да ја поништи набавката. Според СЈО во овој случај Буџетот е оштетен за 860 илјади евра.

Истрагата „Лидери“ е околу уривање на дивоградби, а потекнува од една од т.н. „бомби“ кои беа објавени во јавноста, на која лидери на две доминантни политички партии се договараат кои бесправно изградени објекти да бидат срушени, за јавноста да добие слика дека се води „бескомпромисна борба“. Меѓутоа, лидерите на партиите не се осомничени во оваа истрага. Осомничен е само инвеститорот на една дивоградба од 1.000 квадратни метри која е изградена во близина на странска амбасада во центарот на Скопје.

Во истрагата „Продуцент“, осомничен е поранешен министер за земјоделство, кој без да распише тендер, за сума од 50 илјади евра, ангажирал фирма чиј сопственик е новинарка, да биде продуцент на емисија „Боја на парите“. Емисијата ја водела таа, а се емитувала во телевизиската куќа каде таа била уредник.

Истрагите „Транспортер 2“ и „Тарифа 2“ се однесуваат на двата случаја кои веќе се познати во јавноста, превозот на ученици во Битола и набавката на опрема за ЕЛЕМ.

Со оглед на фактот дека СЈО веќе нема законска можност да поднесува обвиненија по овие предмети, од обвинителството не најавуваат кои ќе бидат нивните идни чекори.

„Ние сме Јавно обвинителство и должни сме да гониме, сè додека имаме докази, ќе постапуваме по нив“, рече обвинителот Љубомир Лапе.

Шефицата на СЈО, Катица Јанева, побара ова обвинителство, по истекот на мандатот во 2020-та година да функционира во рамките на Јавното обвинителство, за да „гони корупција од висок профил“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG