Иако бројот на мигранти кои преку Македонија се обидуваат да заминат кон Западна Европа е помал отколку порано, велешанката Ленче Здравкин и понатаму им помага на оние кои не се откажуваат од таа цел. Својот дом го има претворено во магацин со разно разни производи наменети за нив. Ленче која од самиот почеток е дел од мигрантската криза вели дека овие луѓе во нејзиниот дом близу железничката пруга во Велес, се чести гости пред да го продолжат патот кон Србија.
„Храната ја обезбедувам од донации од граѓаните во Македонија но и надвор од нејзините граници. Уште од првиот ден на бегалската криза, членовите на моето семејство ми помагаат“, вели хуманитарката Ленче Здравкин.
Здравкин раскажува дека мигрантите кои поминуваат низ територијата на Макединија се соочуваат со голем број на проблеми.
„Од едниот крај на границата па до северната граница има 200 километри. Оние кои не се во можност да платат на криумчарите и да се превезат со автомобили, пешачењето им е отежнато, наидуваат на ситни криминални групи. Многумина од нив се ограбени и малтретирани. Доаѓаат овде пред мојот дом, се трудам да им дадам прва помош, да добијат оброк и да го продолжат својот пат“, вели Здравкин.
Според универзитетскиот професор Трпе Стојановски иако на јужната граница со Грција се спроведуваат интензивни мерки за затворање на миграциската рута, криумчарењето на мигранти е во нагорна линија.
„Ако вие преземете мерки со кои ќе инсталирате робусни безбедносни сили и ќе запрете еден миграциски тек, тогаш моментално на некое друго подрачје во близината се јавуваат поинтензивни криминални групи кои всушност го прават криумчарењето на мигранти многу посурово“, вели Стојановски.
Инаку во двата бегалски кампа во земјава на Табановце и Гевгелија престојуваат околу 50 лица, најголем дел жени и деца, но и постари лица. Неодамна и македонскиот парламент донесе одлука за продолжување на кризната состојба на дел од јужната граница до 31-ви декември, токму поради глобалниот проблем со мигрантската криза.
Facebook Forum