Претходно јавноста можеше да ја види колекцијата на документи на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) само во Националниот архив на САД кој се наоѓа во сојузната држава Мериленд. Агенцијата од 1999-та година наваму редовно објавува документи во електронска форма во независниот систем на Националниот архив, но за прв објави околу 930.000 документи, 12 милиони страници, на интернет, преку електронската читална на веб страницата на ЦИА.
Портпаролката на ЦИА, Хедер Фриц Хорниак за Гласот на Америка на македонски објасни дека со претседателска извршна наредба се обврзани на автоматска декалцификација на документите кои се постари од 25 години, кои имаат историска вредност и кои не подлежат на посебен режим.
Хорниак вели дека документите не се посебно избирани:
„Тоа е целосна историја на она што го поминува прагот за објавување, она што сме го сториле на вистински начин и она што сме го погрешиле. Документите се благо редактирани за да се отстранат референците за изворите и методите, што може да направи штета на националната безбедност.“
Американците имаат право на пристап до декласифицирани документи и ЦИА тоа го почитува, вели Хорниак.
На прашањето дали овие документи на некој начин се нова книга на факти за историјата на светот, Хорниак вели:
„Документи фрлаат поглед на приоритетите и предизвиците на национална безбедност на САД во многу критични моменти од историјата, за време на Студената војна, Виетнам и на Корејската војна. Се надеваме дека колекцијата ќе биде фасцинантен извор на информации за студентите, историчарите, академиците, и љубителите на историјата кои имаат интерес да дознаат повеќе.“
Освен овие милиони страници, во електронската читална на агенцијата можат да се најдат декласифицираните претседателски брифинзи, декласифицирани документи поврзани со нападите на 11 септември 2001-та како и многу други документи со историско значење.