Македонија е заглавена во процесот на приближување кон Европската унија. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева не може да продолжи со работата на случаите на корупција во македонската влада иако моделот по кој СЈО беше поставен е буквална копија на романскиот, кој се покажа успешен“. Ова вчера го кажа експертот за Балканот, Џон Лампе, во Центарот Вудроу Вилсон во Вашингтон, за време на излагање насловено „Што е ново на Балканот – Од белградскиот безбедносен форум во небезбедна 2017-та“.
Проблемите поврзани со администрацијата на Груевски, притисокот врз гласачите на изборите, затворањето на неистомисленици, критики спрема невладината организација Отворено општество, ситуацијата во која албанската ДУИ не сака да коалицира со владејачката ВМРО-ДПМНЕ и албанското барање за албанскиот како втор официјален јазик во Македонија заедно со грчкото вето за името – дава слика на состојба без многу надеж, рече професорот и добар познавач на Балканот, Џон Лампе.
Наспроти историското приближување на премиерите на Србија и Албанија за кои зборуваше во позитивна светлина, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија тој ги стави во група каде има многу повеќе проблеми и потежок пат до Европа. За Србија рече дека ќе биде најтешко прашањето околу признавањето на Косово, а за Македонија - признавањето на името од страна на Грција.
„Македонија е земја опколена со волци“, рече Лампе одговарајќи на нашето прашање за сугестиите кои деновиве се појавија во медиумите дека дел може да се присоедини со Бугарија. Тоа, едноставно не е можно, рече Лампе.
Знам за бугарскиот став за непризнавање на јазикот, но за можност на присоединување на Македонија кон Бугарија не сум слушнал. Ако постои таква теза, мислам дека тоа не е на мојата листа на загриженост, рече Џон Лампе.
Што се однесува на САД, тој изрази увереност дека американската политика за поддршка на влез на балканските држави во НАТО и во ЕУ – ќе остане.