Линкови за пристапност

Скопјани на протест против загадениот воздух


Неколку стотици граѓани и активисти од Скопје денеска протестираа против енормното загадување на воздухот во градот и инертноста на градските власти, но и државата во справување и решавање на овој сериозен проблем.Протестот кој беше организиран преку социјалните мрежи почна во Градскиот парк, а повеќето граѓани и покрај студеното време дојдоа пеш, со точаци или со автобуси.

Граѓаните побараа да се воведат итни мерки кои би ја ублажиле состојбата и веднаш да се пренасочат средства за трајно решавање на овој проблем од кој годишно во Македонија умираат над илјада лица.

„Не станува збор веќе за криза, за проблем, ова е сега елементарна непогода. Еквивалентно е на пожар, на поплава, исто како поплавите што ги имавме во Стајковци. Светска банка излезе со статистика дека 1.350 луѓе годишно умираат, значи 4-ца дневно гинат, а тоа се жртви на загадениот воздух,“, алармираат активистите.

Како делумни решенија тие ги наведоа рестрикциите во сообраќајот, односно пар - непар систем, бесплатен автобуски превоз, финансиска помош при набавување на квалитетни печки за греење, проширување на топлификациската мрежа во целиот град и итна гасификација.

„Не може никој ништо да не прави. Само кога има најави за протест тогаш има некакви состаноци колку да се замае јавноста. Наместо 20 милиони за Панорамско тркало, парите да се пренаменат за решавање на овој проблем“, вели Игор Јовановски, еден од присутните на протестот.

Протестот го поддржаа и екологистите, но и лекарите.

„ Овој проблем трае веќе 15 години. Никој ништо не презема. Во Скопје мора да се воведе вонредна состојба која ќе трае од октомври до март. Мора да се пренасочат средства за решавање на овој проблем. Сегашните мерки можат да го ублажат загадувањето за најмногу 10 отсто“, вели д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.

Пред десетина дена во повеќе скопски општини беше измерено загадување на воздухот дури 20 пати над дозволеното а во некои места концентрацијата на канцерогените ПМ 10 и ПМ 2.5 честички беше над 1.000.

Според официјалните податоци на Министерството за животна средина, во 2015 година, во Аеродром и во Ново Лисиче дури 120 дена загадувањето на воздухот било над дозволеното, во Гази Баба 115 дена, а во Центар и во населбата Карпош 90 дена.

ПМ честичките се директна причина за тешки заболувања на дишните патишта, но и рак.

„ Според некои медицински испитувања, децата во Скопје имаат намален белодорбен капацитет токму поради загадувањето“, објасни Ѓорѓев.

Присутните на протестот се упатија пред канцеларијата на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, но не беа примени. Оттаму, тие се упатија кон Владата.

Во понеделникот Трајановски ги повика сите скопски градоначалници на состанок на кој единствена тема беше загадувањето на воздухот во градот. Меѓутоа, освен начелен договор дека нешто треба да се стори, ништо поконкретно не се случи на овој состанок.

Организаторите на протестот порачаа дека по празниците повторно ќе излезат на протест, а преку петиција ќе поднесат колективна тужба против надлежните кои не преземаат мерки и покрај високото ниво на загадување што го покажуваат мерните станици на Министерството за животна средина.

XS
SM
MD
LG