Белоруската новинарка, Светлана Алексиевич за нејзините дела посветени на влијанието на Чернобил, советската интервенција во Авганистан и пост советската историја ја доби минатогодишната Нобелова награда за литература. Нобеловиот комитет нејзиното авторство го нарече „полифонично пишување, спомен на страдањето и храброста на нашето време.“
Таа со Јулија Шевченко од Гласот на Америка разговараше за трагичната историја и како духовите продолжуваат да ги прогонуваат некогашните жители на Советскиот сојуз.
„Бевме романтичари во 1990-те, и мислевме дека комунизмот е мртов“ вели Алексиевич. „Но по десет години, Путин дојде на власт, и постана јасно дека процесот е реверзибилен, дека комунизмот во различни форми ќе се врати назад.“
Алексиевич зборуваше за нејзините дела, кои се засновани на сведоштва на луѓето кои поминале преку овие трагични историски настани.
„Мојата идеја беше да напишам енциклопедија за тој период,“ вели таа. „јас дури пронајдов луѓе кои го виделе Ленин, Сталин, кои биле во затворски кампови, кои биле во камповите на Сталин по 17-20 години, кои се бореле во Големата патриотска војна (Втората светска војна).
Изгледа дека јас бев вистинската личност да го регистрирам сето тоа. На крај мислам дека мојата нарација е повеќе за индивидуата и утопијата, за тоа што се случува кога луѓето сакаат да го изградат прерано рајот на земјата.“
Русија во 1917 година беше повеќе феудална отколку капиталистичка, кога болшевиците ја преземаа власта, вели Алексиевич и додава дека беше „наивно’ да се мисли дека земјата може да премине од феудализам до социјализам и потоа комунизам.
„Но како што знаеме, болшевиците имаа слоган кој стоеше во сталинистичките затворски кампови: „ Со железна рака ќе го однесеме човештвото до среќата.“ Најверојатно тие веруваа дека можат да го постигнат тоа“ вели таа.
Но наместо да донесат среќа, според зборовите на Алексиевич тие донесоа „море од крв и масивни гробници.“
Следната година ќе биде одбележана стотата годишнина од болшевичката револуција во која беше роден Советскиот сојуз. Запрашана за значењето на оваа годишнина, Алексиевич вели дека нема на што да бидеме горди.“
„Но јас ги сакам зборовите на писателот Варлам Шаламов, кој по поминати 17 години во затворските кампови на Сталин кажа: бев сведок на голема, но загубена битка за човековата среќа. Тоа беше обид да се создаде алтернативна цивилизација, кој се разбира пропадна. Ние не успеевме во тој обид. И јас мислам дека има причина да се размислува на таков начин: не успеавме затоа што имаше премногу крв, затоа што премногу луѓе исчезнаа...затоа што зборовите еднаквост, правда и братство пролеа реки крв.“