Линкови за пристапност

Вевчански карневал


VOA/Macedonian
VOA/Macedonian

Во еден само навидум хаотичен, а всушност, добро организиран настан, се преплетуваат старите народни обичаи со религиозните догми, паганското и светото...

Во еден само навидум хаотичен, а всушност, добро организиран настан, се преплетуваат старите народни обичаи со религиозните догми, паганското и светото...

„Зетот“ и „Невестата“ како симбол на плодноста, двата „Ѓавола“ и двајцата „Побратими“, како Глупи Августи, заедно со многуте сватови – василичари, се главните традиционални маски, на традиционалната прослава за одбележување на 14 јануари, празникот Василица (Св. Василиј Велики) или Новата година по Јулијанскиот календар).

На Василица, со векови се повторуваат карневалски сцени, се мешаат паганската традиција и христијанската религија во Вевчани, мала општина во близина на Струга, кое, според тврдењата на неговите жители, веќе 1400 години, со звуците на зурли и тапани, ги организира карневалските свечености како своевидна, тридневна претстава на отворено. На чествувањата, на кои, сите Вевчанци каде и да живеат во светот, се враќаат на родните огништа, во еден само навидум хаотичен, а всушност, добро организиран настан, се преплетуваат старите народни обичаи со религиозните догми, паганското и светото, иронијата и црниот хумор, политиката и народната мудрост...

VOA/Macedonian
VOA/Macedonian

Иако Вевчани со месеци наназад живее во духот на карневалот, со подготвување на поединечните и на групните маски, и во исчекување на што побогато дефиле на маските, жителите на двата дела на населеното место Вевчани, Горна и Долна маала, кои имаат свои василичарски друштва, до самото дефиле - кога и авторите и маскираните парадираат, како најстрога тајна ги чуваат идеите за секоја маска.

Повеќевековната традиција се поврзува со народното верување дека периодот од 7 јануари, кога православните христијани го слават Божиќ, па до 19 јануари, кога го одбележуваат Богојавление – Водици, се таканаречените „некрстени денови“, кога според верувањата, „по земјата шетаат духови, лоши сили и демони – караконџули, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера“.

VOA/Macedonian
VOA/Macedonian

Во текот на таканаречените „дванаесет некрстени денови“ луѓето се маскираат и ги изведуваат игрите под маски, и на Бадник и по него, како и пред Василица (Стара Нова година или Православна Нова година во Македонија), се до Водици. Лицата под маски, нарекувани во разни делови на Македонија како џоломари, бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии…, наводно ги бркаат лошите демони. Сепак, најпознат од сите овие свечености е токму карневалот во Вевчани. Вo трите дена кога не важат правилата, невестите од двете вевчански маала со гостите, кои ги има од целиот свет, одат на Вевчанските извори да наполнат вода за вевчанскиот „кашаник“, во кој се става паричката, која на среќникот кому ќе му падне, треба да му донесе бериќет во текот на целата година.

И годинава, ни дождот не беше пречка за маскираните и за посетителите на вевчанските улици да го проследат дефилето чија главна порака е - да се искорени злото и да победи доброто! Манифестацијата ќе заврши утре со традиционалното палење на маските во центарот на Вевчани, или, според верувањето - со ослободувањето од злото.

XS
SM
MD
LG