Линкови за пристапност

Новиот долг од 500 милиони евра - обврска на следната генерација политичари


Во делот за економијата на Извештајот за напредокот на Македонија, покрај забелешките за оптоварувањето на бизнисот и тешкотиите при излегувањето на пазар, поради честите законски измени и тешкото спроведување на договорите, и покрај предупредувањата дека Владата го зголемува влијанието врз конкурентноста на приватниот сектор преку регулативи и субвенции, Европската комисија потенцира и дека нивото на јавниот долг, последните неколку години се зголемува, а се предвидува негово понатамошно зголемување, според најавените инвестициски проекти,

Но, иако според медиумите, јавниот долг на Македонија е 43,9% од бруто – домашниот производ, само неколку дена пред извештајот на ЕК, Владата најави ново, големо задолжување до крајот на годината, од цели 500 милиони евра. Министерството за финансии донесе одлука новата еврообврзница да биде до 500 милиони евра и да се издаде на 10 години, но во медиумите не беше објавена висината на годишната камата.

Откако беше образложено дека парите од новата еврообврзница, во вредност од половина милијарда евра ќе се користат за буџетска поддршка во 2015 и 2016 година, како и за рефинансирање на обврските за отплата на државниот долг, следеа реакции кај дел од експертите и во медиумите.

„Со 500 милиони евра нов долг кој планира да го реализира Владата, Македонија влегува во групата на земји кои трошат без мерка. За волја на вистината, Јапонија функционира дури и со долг од 240% од БДП, меѓутоа, таа остварува суфицит во размената со странство, јенот е меѓународна валута, а голем дел од долгот е од домашни извори. Значи, таа ги има сите оние карактеристики на долгот што ги нема Македонија и нејзината ‘средно задолжена економија“, изјави економскиот аналитичар Крсте Шајноски за Гласот на Америка на македонски јазик.

Економистот Џевдет Хајредини, изјави во медиумите дека власта ќе биде принудена да ги неутрализира реакциите на фирмите кои работат на реализација на проектот „Скопје 2014“ поради долговите кои ги има кон нив и логичниот потег - тие сега да ги барат парите. „Од една страна ќе платат, од друга страна, ќе должат на други фирми. Ова е пракса на оваа власт и како што се гледа, издавањето на еврообврзница на десет години, значи дека овие пари ќе ги плати некоја друга генерација, и не оваа, туку некоја друга Влада. Затоа нема да имаат проблем да издаваат обврзници, без разлика на каматната стапка“, изјави Хајредини во медиумите.

Аналитичарот Шајноски изјави за Гласот на Америка на македонски јазик дека не држи аргументот оти е добро да се повлечат 500 милиони евра со емисија на еврообврзница, сега, кога каматните стапки се пониски. Може да биде добро ако предвреме се исплатат поранешни долгови со повисоки камати. Меѓутоа, ако се наменети за буџетска поддршка која не генерира раст, за да се обезбеди сервисирање на долгот без ново задолжување, новиот заем само ќе придонесе за зголемување на јавниот долг. Неговиот забрзан раст во последниве три-четири години упатува на тоа дека неговата развојна компонента е речиси неважна за носителите на економската политика“

Ова е трета обврзница на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Првата е од во 2009 во висина од 175 милиони евра, на 3,5 години, со камата од 9,8%, а втората од 2014, во висина од исто така 500 милиони евра, на седум години, и со камата од 4%.

Пред Извештајот на ЕК за чии забелешки, вицепремиерот Владимир Пешевски изјави дека „секогаш може и подобро и има простор за подобрување, но дека треба да се погледне и вкупното ниво на македонската економија“, беше донесена и одлука Македонија да се задолжи и со дополнителни 200 милиони евра, со нови кредити за гасификација, за патишта и за поддршка на општините.

XS
SM
MD
LG