Линкови за пристапност

Орав: Искористете ги критиките на позитивен начин

  • Синиша Станковиќ

„Најдобрите оценки може да ги даде народот кој секојдневно се соочува со животот во Македонија, а оценката ќе ја даде на изборите во април“, смета премиерот Груевски

„Извештајот содржи позитивни забелешки и вреднувања. Бележи и области каде има недоволен напредок, односно има и критики, но фактот што постои препорака, значи дека позитивните моменти превагнале во оценката на ЕК во поглед на исполнување на критериумите. Ние, заедно со сите релевантни субјекти, ќе работиме на надминување на предизвиците и критиките и подобрување онаму каде што е тоа реално и потребно“, изјави премиерот Никола Груевски, на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Аиво Орав, кој му го врачи Извештајот за напредокот на Македонија за 2015 година.

Според Груевски, Македонија седум години по ред добива препораки за почнување на преговорите и останува посветена на спроведување на политичкиот договор и на клучните реформски приоритети, за да се обезбедат доволно аргументи за одлука на ЕК за почеток на пристапните преговори.

„Најдобрите оценки може да ги даде народот кој секојдневно се соочува со животот во Македонија, а оценката ќе ја даде на изборите во април“, потенцираше Груевски, кој изрази надеж дека откако Македонија ќе ги исполни зададените критериуми, по изборите во 2016 година, нема да има нови пречки и услови за датум за преговори. „Република Македонија очекува датум за преговори и откочување на интегративните процеси кои ќе биде заслужена верификација на се она што досега е направено и што ќе се направи. На нашиот народ му е јасно се и нема никаква потреба од дополнителни објаснувања за се она што се случува“, рече Груевски.

Според шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, се работи за условена препорака за Македонија која ЕК ќе ја разгледа по изборите во април. „Ако имам добар пријател, тој не треба да ми кажува колку сум добар, туку каде не постапувам како што треба, а тоа го прави и ЕК. Ве молам, искористете ги критиките колку што е можно попозитивно, спроведете ги препораките и ќе видите дека чуда се можни“, рече евроамбасадорот Орав.

Извештајот за напредокот на Македонија за 2015, евроамбасадорот им го врачи и на претседателот на државата Ѓорге Иванов и на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

Според Орав, започнувањето на преговорите е условено од натамошната имплементација на договорот за надминување на кризата и од постигнувањето на значителен напредок во спроведувањето на реформските приоритети.

Претседателот Иванов пак, по средбата со Орав изјави дека годинешниот извештај на Европската комисија дава објективна слика на актуелните состојби во повеќе области во Македонија. Според него, Македонија ја очекува интензивен период на политичката сцена и потребно е одговорно однесување на сите политички актери.

А министерот за надворешни работи, Никола Попоски, кој во Европскиот парламент го следеше излагањето на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, според медиумите, изјавил дека „најзначаен момент во денешното презентирање на извештаите за Западен Балкан, во однос на Република Македонија, е тоа што Комисијата ја задржува својата препорака дека е неопходно да започнат преговори за членство на Македонија во ЕУ. Тоа е за нас силен мотив да продолжиме со сите оние ангажмани и во делот на политичкиот дијалог и во делот на реформите. Се разбира дека целосната примена на политичкиот дијалог ќе биде еден од условите што ЕК блиску ќе ги следи и од кои ќе зависат и следните оценки“, истакнал Попоски.

И додека со потпишувањето на указите за пакетот закони што минатата ноќ ги усвои Собранието, кои ја регулираат имплементацијата на договорот од Пржино, се продолжува реализацијата на договореното меѓу лидерите на четирите најмоќни партии, и денес продолжија меѓупартиските престрелки со соопштенија.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, „извештајот за напредокот на Македонија кој го објави Европската комисија е тежок пораз за деструктивната политика на СДСМ“. Според Антонио Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ, „Македонија продолжува напред и покрај сите обиди на СДСМ да ја втурне во политичка криза која што ја креираа пред девет месеци господинот Зоран Заев и неговата колешка Радмила Шеќеринска. Но, нивното однесување и деструктивност во изминативе 9 месеци сепак не беше без последици и со самото тоа може да се заклучи дека одредени услови кои што се забележани во самиот извештај се исходот од деструктивното однесување на СДСМ со нивното креирање на политичка криза пред 9 месеци“.

„Високи претставници и членови на Владата ја злоупотребиле својата моќ во сите сфери, судството, медиумите, изборниот процес, регулаторните тела. Има селективна правда, широко распространета корупција, закани врз новинари, сериозна загриженост за уредувачката политика на јавниот сервис МТВ. Затоа, реализацијата на Договорот од Пржино, повеќе не е очекување само на граѓаните на Македонија, туку услов Европската комисија да ја задржи препораката“, изјави денес Радмила Шеќеринска од СДСМ.

XS
SM
MD
LG