Линкови за пристапност

Предлог закон за заштита на укажувачите


Закон за заштита на укажувачите и забрана за објавување на тнр „бомби“ се дел од меѓупартиските преговори за решавање на политичката криза во Македонија

Со глоба од 4.000 до 5.000 евра ќе се казни институцијата или фирма што нема да го заштити лицето кое укажало дека функционер или службеник врши корупција, а парична казна од 500 до 1.000 евра е за овластеното лице кое нема да обезбеди анонимност и доверливост на укажувачот. Ова го предвидува предлог - законот за заштита на укажувачите на криминал, или тнр. „свиркачи“, што веќе 15 месеци е во фиоките на Министерството за правда, а неговото разгледување во Собранието беше запрено со објавувањето на материјалите од наводното прислушување од опозицијата. Овој закон, заедно со оној со кој власта предлага забрана за објавување на тнр „бомби“, е дел од меѓупартиските преговори за решавање на политичката криза во земјата.

"Овие закони отвораат сериозни прашања во врска со слободата на изразувањето, правото на граѓаните на приватност и доброто владеење, кои што сите заедно треба да бидат адресирани во склад со меѓународните обврски на Македонија", се наведува во една од писмените реакции на Амбасадата на САД во Скопје, во врска опструкциите при изборот на тимот на Специјалниот јавен обвинител. И една од конкретните препораки од Европската комисија по извештајот на Рајнхард Прибе е дека Македонија треба да воспостави механизам за заштита на „свиркачите“ или „укажувачите“. Први ова во Македонија го иницирале од Транспаренси интернешнал – Македонија уште во 2012 година.

„Владата тогаш го стави тој закон во програмата во 2013. Во 2013-та не се случи ништо и ние ги потсетивме, за во 2014-та веќе да се формира работната група и да се направи некаков текст во вид на измени на Законот за спречување на корупција со кои требаше да се доуреди прашањето на заштита на пријавувачите“, вели Слаѓана Тасева од Транспаренси Македонија.

За министерот за правда Јашари, одолговлекувањето било само за да се осигура дека законот ќе овозможи адекватна заштита.

„Мораме да ја развиеме свеста за институционална заштита на пријавувачите. Затоа започнавме со измени во текстот на Законот за антикорупција и таму предвидовме еден вид заштита на „свиркачите“, но колку таа е доволна? Потоа измените ги повлековме од собраниска постапка за да добиеме мислење од Европската комисија. Граѓаните не смее да трпат последици за пријавата. Иако се уште го немаме овој закон, сепак имаме закони кои на свој начин колку толку базично штитат при пријавување“, вели тој.

Американски и српски искуства

Преку Едвард Сноуден и војникот Бредли Менинг, САД во јавноста се наметнаа како практичен пример што значи тоа „свиркач“. Елизабет Гивенс од Американската адвокатска комора вели дека најважно е кога пријавувате да знаете дали тоа е покриено со закон, пред се оној со кој ќе бидете заштитени.

„Ние имавме неколку славни предмети, како Сноуден на пример. Тој откри големи скандали и сега е во Русија. Но тој откриваше работи кои тешко можат да се заштитат со закон и затоа тој не може да ја искористи таквата заштита. Друг пример е со пријавата за измами со домашните кредити и хипотеки. Една вработена ги предупредувала во една банка за манипулациите, но наместо истрага работодавачите ја избркале. Една лекарка пријави прекршоци од страна на болницата во која била ангажирана, пред се поврзано со несоодветна заштита на пациентите, но и таа се соочи со одмазда“, вели таа.

Во најблиското опкружување, Србија има Закон за заштита на пријавувачи. Антикорупциската агенција започнала со работа во 2010 година како независен орган и функционира самостојно и има надзор врз јавните функционери, партиите. Последната година имале повеќе од 200 пријави.

„Законот е на сила од летово и со него им се забранува на работодавачите да ги деградираат пријавувачите откако ќе алармираат, посебно не да ги бркаат или да ги прераспоредуваат. На граѓанинот му останува дали ќе пријави кај работодавачот за одреден криминал или во државна институција, или пак јавно. Пријавувачот има право на надомест на штета и право на судска заштита, иако се уште немаме пример како тоа ќе функционира со оглед дека законот се применува само неколку месеци“, вели Слободан Симиќ од канцеларијата на Народниот правобранител на Србија.

Што е укажувач?

Изразите укажувач, „свиркач“ или „вислблоуер“ се користат за храбар поединец кој од високоморални причини одлучува јавно да проговори за незаконските или неетичките дела направени во некоја компанија или институција, со сиот ризик по сопствената кариера. Во предложениот закон, укажувач „е лице кое врши пријавување на сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши кривично дело против службената должност (корупција) или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се загрозува јавниот интерес, безбедноста и одбраната“. Укажувачи можат да бидат граѓани, корисници на услуги од државните и јавните органи, но и најблиски советници, секретарки и соработници во кабинетите на министрите, на премиерот, на претседателот на државата, на судиите, обвинителите, директорите на агенции, кои криминалот ќе може да го пријават кај претпоставените или во Антикорупциската комисија, и притоа, да останат засекогаш анонимни. Кривично ќе се казнува доколку некој направи злоупотреба и за лажно пријавување на корупција.

XS
SM
MD
LG