Линкови за пристапност

Премиерот најави попис, прв по 13 години


Откако околу 70% од податоците ќе се соберат по електронски пат, теренската проверка би ја потврдила веродостојноста на собраните податоци

На собраниската седница, последна пред пратениците да заминат на колективен годишен одмор, посветена на пратеничките прашања, премиерот Никола Греувски, одговари на прашање на независната пратеничка Роза Топузова Каревска - дали Владата планира некогаш да ја спроведе најважната статистичка операција, од којашто многу зависи и пречистувањето на избирачкиот список? Тој најави дека власта има намера да организира попис, како и да набави адекватна опрема за пописот да се спроведе главно на електронски начин и, наводно, да не се повторат проблемите од последниот неуспешен обид за спроведување на попис.

„Целта е да се обезбеди попис според највисоки меѓународни стандарди. На тој начин ќе нема простор за сомнежи околу добиените податоци кај ниту една заедница, етничка група или поединец“, рече премиерот во Собранието. Иако најави дека опремата за електронско поврзување на матичните евиденции ќе биде во Македонија до крајот на годинава, Груевски сепак, не го прецизираше датумот на изведувањето на големата операција. Тој само најави дека се извршуваат подготовки и рече дека се анализира начинот на теренско собирање на податоците, со којшто, откако околу 70 проценти од податоците ќе се соберат по електронски пат, теренската проверка би ја потврдила веродостојноста на собраните податоци.

„Клучната работа во овој дел е да се изврши набавка на т.н. fingerprint или електронска проверка на биометриските податоци на тој што треба да се попише за да се потврди дека тој е во земјата и дека тој е тој кој го дава одговорот на прашањето. Без такво нешто секогаш би имало сомнежи дали навистина човекот што требало да одговори одговорил, дали одговорил некој друг...“., рече Груевски.

Македонија доцни со пописот веќе четири години, откако последниот обид за спроведување на најголемата статистичка операција беше неуспешен во 2011. Тогаш двете владејачки партии, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, не најдоа заеднички јазик за тоа дали треба да се попишуваат граѓаните кои се надвор од Македонија повеќе од една година и дали може да се користат фотокопии од личните документи. Така, последен попис во Македонија остана оној спроведен уште во далечната 2002-ра, па дел од стручњаците во пресрет на предвремните избори реагираа дека е илузорно да се зборува за пречистување на избирачкиот список кога не е извршен попис, а дел од опозиционите политичари и јавно настапуваат со теза дека поради стотиците илјади иселени од државата, бројот на гласачи на Избирачкот список е поголем од бројот на жителите на Македонија. Ако се знае дека и претходниот попис во Македонија, како дел од СФРЈ, одржан во 1991-ва, не беше изведен во целост, поради што имаше уште ден во 1994-та, којшто се смета за прв попис по осамостојувањето на Македонија, јасни се реакциите на дел од стручњаците за застареноста на податоците коишто потекнуваат од пред 21 година.

XS
SM
MD
LG