Линкови за пристапност

Бегство од максимално обезбеден затвор


Додека трае потрагата по осудениците, поранешен вработен во затворот во Њујорк за Гласот на Америка зборува со неверување за ситуацијата

Ние сме запрепастени, по толку години работа во затворот...“ вели Фил од другата страна на телефонската линија.

Работел 35 години како медицинско лице во Казнено-поправната установа Клинтон, во рурален Данемора, во затворот од кој двајца опасни осуденици на доживотна казна затвор избегале во петокот навечер. На никого до тој момент не му успеало да избега од максимално обезбеденото крило на затворот.

Фил не сака Гласот на Америка да го користи неговото презиме затоа што се` уште живее во Платсбург, на 21 километар од затворот.

Обрачот од силно згуснати полициски сили се стега околу Вест Платсбург и Данмор. Добиени биле над 500 информации за потрагата по 48-годишниот Ричард Мат и 34-годишниот Дејвид Сват.

„Се работи за затвор со најголемо обезбедување во сојузната држава Њујорк. Опкружен е со ѕид висок 12 метри. Никој не успеал да побегне“, вели Фил.

Но тие успеале да избегаат. Прашањето е како никој не пријавил дека слушнал користење на електрични алати!?

Друго нејасно прашање е како дошле до електричните алати. Иако затвореници користат разни електрични направи за извршување на нивните задачи, властите велат дека сите се нумерирани и одговараат за секој од нив.

Фил е убеден дека затвореници имале помош, не само за електричните алати, туку и информации за тоа каде води подземната вентилација. Тој додава дека такви информации не се вообичаено достапни на затворениците.

Официјални лица кажаа дека шефицата на одделот за шиење во затворот се согласила да ги чека со автомобил откако обајцата притвореници ќе успеат да побегнат од установата. Но, Џојс Мичел подоцна се премислила и се пријавила во локална болница со симптоми на анкциозност. Нејзината улога во бегството е предмет на истрага.

„Не знаеме колку била инволвирана Мичел“ вели Фил и додава дека и порано се случувало да се развие однос меѓу затворениците и вработените во затворот.

„Секоја година вработените одат на обука каде се потенцира дека треба да се биде крајно внимателен во однос на затворениците. Тие може да побараат да направите телефонски повик за нив, или да им донесете нешто од надвор. Едноставно, не смеете. Дури и најмала услуга е забранета. Штом еднаш попуштите, може да следат уцени и закани.“, вели Фил.

Овој затвор е еден од најголемите работодавци за општината Клинтон. Повеќето од 82.000 жители или работеле или работат во затворот. Фил вели дека климата меѓу вработените била добра. Меѓу најпознатите затвореници на кои се сеќава, тој посочува на Дејвид Берковиц, познат по прекарот „Синот на Сем“, сериски убиец обвинет за неколку убиства во Њујорк, и Роберт Чемберс, познат во медиумите како “Препи убиецот“. Тој бил осуден за убиство на млада девојка којашто ја задавил во Централ парк, во Њујорк.

Фил вели дека никогаш не почувствувал закани додека работел во затворот и дека сочувствува со колегите коишто сега таму работат со оглед на бегството од затворот без преседан и фокусот на медиумите.

„Утринава се сретнав со многу пензионирани од таму, и сите велат дека им е мило што сега не се таму, зашто ситуацијата ќе создаде тешки услови за работа.

XS
SM
MD
LG