Линкови за пристапност

Зошто ЕК не испраќа експерти во Македонија кои ќе му помогнат на обвинителството?


Толкувањето на експерти е дека ваквиот одговор бил очекуван зашто нема правни инструменти за обезбедување таква помош.

Европската комисија неделава не одговори афирмативно на барањето на јавното обвинителство да бидат испратени експерти кои би го монитореле текот на истрагата за актуелните скандали кои ја тресат политичката сцена во Македонија.

Како што е наведено во одговорот на Комисијата, „секоја потенцијална експертиза не може да се справува со содржината на која било поединечна кривична постапка и е ограничена на она што е законски возможно, според принципот на поделба на власта. Токму затоа Комисијата вообичаено не коментира или се инволвира во содржината на кои било истраги или постапки што се во тек. Комисијата може, сепак, да подготви соодветна техничка експертиза за системските проблеми и недостатоци во однос на владеењето на правото, со цел да се препорача како да се подобрат нивна независност, ефикасност и одговорност“, изјави за „Утрински весник“ портпаролката на еврокомесарот Јоханес Хан.

Во врска со овој став на ЕК, Гласот на Америка конултираше експерти.

За професорката Слаѓана Тасева одговорот на ЕК бил очекуван.

„Прво, поканата не е упатена со цел да се обезбеди правна помош на техничко ниво, туку единствено со цел да се обезбеди транспарентност на постапките. Второ, во таков случај меѓународните експерти само како набљудувачи би биле во тек со предметите кои ги води обвинителството, а произлезени од последните актуелни случувања и бројните кривични пријави засновани на објавените телефонски разговори“, вели Тасева.

„Ова е правилен и единствен можен став затоа што во рамки на Европската унија и на глобално ниво не постои ниту еден правен инструмент кој овозможува ваков тип на меѓународна помош во правна материја. Уште помалку Европската комисија може да обезбеди експертиза во било која поединечна кривична постапка. Меѓународна правна помош може да се бара само за конкретна работа во рамки на конкретна кривична постапка. Таква помош би била на пример: експертиза на автентичноста на разговорите, проверка на наводи за финансики трансакции, идентификација на сопственици на компании, идентификување на поседување на банкарски сметки и се друго што во конкретен случај би упатувало на поврзаност со странство. Затоа од правен аспект барањето на ЈОРМ до ЕК може да се смета за несоодветно, а добиениот одговор е очекуван“, ни изјави професорката Тасева.

Според професорот Гордан Калајџиев, од одговорот е „евидентно дека ЕУ не сака да си става трн во здрава нога“.

„Со оглед на фактот што за одговорот на барањето дознаваме индиректно, доведени сме во ситуација да шпекулираме за причините за ваквата одлука. Можеби во службениот одговор има наведено и нешто повеќе, а не знаеме и што било предмет на договарање во меѓувреме, пред да се донесе оваа одлука. Упатувањето на контролната улога на домашните судови праќа нејасна порака, бидејќи ние знаеме дека тоа е нормална работа во нормална држава, но да бевме ние нормална држава, немаше ни да бараме мониторинг на обвинителската истрага и постапување, тоа е барем јасно. Евидентно е, значи, тоа дека ЕУ не сака да си земе таква ризична обврска и да става трн во здрава нога од неколку причини. Ниту е едноставно, ниту вообичаено мониторење на една инаку во принцип нетранспарентна фаза; второ, поврзано со првото, заради страв да не биде злоупотребена оваа, инаку ограничена, партиципација во смисла на легитимирање на проблематични одлуки на ЈО; трето, доколку имало некакви преговори, не знаеме на што пристанала ЕУ и дали воопшто е влезено во поставување на некакви услови околу субјектите и мандатот на набљудувањето. Ние не знаеме дали воопшто е преговарано за некои услови во оваа смисла“, вели професорот Калајџиев.

XS
SM
MD
LG