„Наместо да дадете аргументи, вие барате одложување на дискусијата, тоа е несериозно, еве сме сите тука, и кажете ги аргументите“, му се обратил премиерот Никола Груевски на ректорот на скопскиот универзитет „Кирил и Методиј“ и претседател на Интеруниверзитетската конференција, д-р Велимир Стојковски, откако тој ги изнел забелешките на ректорската управа на УКИМ на спорниот закон за високо образование.
Ректорот порачал дека се потребни измени во Законот за високо образование, но побарал подолг период за дебата, бидејќи предвидените измени може да предизвикаат сериозни импликации. „Ние доставивме забелешки на цели 130 страници. Никој не е против подобрување на квалитетот на образованието. Факт е дека образованието не е тоа што било некогаш, меѓутоа постои уште еден факт кој укажува на тоа дека со дипломата од нашите универзитети, дипломираните лесно наоѓаат работа во странство, со што се потврдува квалитетот на образовните установи во Македонија“, рекол ректорот на УКИМ на дебата во Собранието.
Премирот пак, бил со став дека имало дебата уште од октомври, преку телевизиски настапи на министрите и бројни јавни излагања на студентите, професорите и ректорите. На ненадејната дебата во Собранието учествувале премиерот и неколкумина министри, претставници на Интеруниверзитетската конференција и дел од професорите кои дополнително го поддржаа владиниот став за воведување на државен испит, иако претходно не се спротивставија на децидниот став против законот, на факултетите каде работат. Но, на разговорите ги нема ниту членовите на Професорскиот, ниту на Студентскиот пленум, кои изминатиов период одржаа неколку мирни демонстрации, со учество на илјадници незадоволни студенти и професори, кои протестираа против „наметнувањето на законот и ограничувањето на автономијата на Универзитетот“.
„Ние како професори сега да станеме соучесници на кршење на Деловникот, на Законот, па и на Уставот за начелото за поделба на власта, би било срам пред студентите“, потенцирала пред парламентот професорката Гордана Силјановска, образложувајќи го одбивањето на учеството на членовите на Професорскиот пленум на „дислоцираната“ дебата за контроверзниот државен испит во високото образование.
Претходно, за време на излагањата на професорите од „Професорскиот пленум„ кои не сакаа да учествуваат на задоцнетите разговори меѓу Министерството за образование и Интеруниверзитетската конференција околу предлог-измените во Законот за високо образование кои веќе влегоа во собраниската процедура, пред хотелот „Александар Палас“ во Скопје, ненадејно дошол премиерот Никола Груевски. По кус разговор со професорката Билјана Ванковска, која потенцирала дека „хотел е место за туризам а не за парламентаризам“, премиерот, тврдејќи дека Владата е отворена за дијалог, самиот ја дислоцирал дебатата за државниот испит во високото образоваание, но не во Владата, туку во парламентот.
Студентите од неформалната организација Студентски пленум, кои досега беа игнорирани при барањата за разговори со претставниците на власта, веднаш најавија дека нема да присуствуваат на новата дебата, а ним им се придружија и професорите од Пленумот, кои тргнале кон Собранието, но не влегле внатре. Нивен став е дека било непристојно да ја упатат пораката „од пред порти на хотел“ - дека нема смисла да учествуваат во дебата за предлог-закон кој веќе го поминал првото читање, а веќе в четврток е на второто читање пред матичната собраниска комисија.
И додека од Студентскиот пленум тврди дека властите со тактизирање успеале да го донесат спорното законското решение во завршна фаза и покрај тримесечните протести и демонстрации како израз на незадоволството на илјадниците студенти и на дел од академската заедница, членовите на Професорскиот пленум и денес, повторно побараа повлекување на законот од собраниска процедура, и спроведување на широка јавна дебата меѓу сите засегнати.
Според професорката од Правниот факултет на УКИМ, Силјановска, дебатата е прифатлива за професорите само низ законска процедура.
„Законската процедура е утврдена со Деловникот на Собранието. Јас сум легалист. Не можам да учествувам во таканаречена дебата која не е правно втемелена и која се одвива во Александар Палас. Ова е надвор од процедурата, а процедурата е гаранција за демократијата“.
Професорите од Пленумот повторно порачаа дека е можна граѓанска непослушност и протести, ако законот се усвои без дебата во предложената форма.