Ниту трите струдентски протести, ниту ставовите на неколку универзитети, меѓу кои и скопскиот Свети Кирил и Методиј, ниту потписите на 300 професори од сите државни и приватни факултети во земјава не беа доволни, измените на Законот за високо образование да не го помине првиот филтер, првото читање на текстот на законот, во Парламентот. Попладнево, пратениците со 71 глас „за“ и 8 „против“, се изјаснија дека може да продолжи процедурата за донесување на измените што ги предложи Владата, со кои меѓу другото се воведува и државен испит во високото образование.
„Главната измена е државен испит со кој ќе се обезбеди механизам за подигнување на квалитетот на високото образование и механизам кој ќе овозможи ниту еден студент да не излезе од образовниот процес без задоволително ниво на знаење. Државниот испит нема да важи за актуелните студенти и првпат ќе се применува од академската 2016/2017 година, рече министерот за образование Абдулаќим Адеми.
Додека внатре во Парламентот се гласаше за новините во Законот, пред зградата професори и студенти на отворен пленум ги повикаа пратениците да отворат јавна расправа, а не, како што рекоа, противуставно да ги гласаат владините предлози и да ја уриваат автономијата на универзитетите.
„Морам да потсетам мнозина пратеници дека од 2001-ва година наваму, но и претходно, поднесуваа пријави за магистратури, за докторати, па дури и луѓе од Владата поднесуваа. Ако не вредат нашите универзитети, зошто ги чувате дипломите?“, праша професорката Гордана Силјановска.
„Владата се обидува да направи еден вид геноцид на интелектуалците и да ја запре секоја слободна мисла. Собранието во својот инвалидски состав ќе ги донесе законите, независно од се`. Ние сме тука да укажеме дека прават голема грешка и го доведуваат целото образование и целата земја во опасност“, рече професорот Слободан Унковски.
Барањата да се повлече предлог-законот за високо образование од собраниска процедура и до измените да се дојде преку дебата со професорите и студентите или во спротивно, претседателот Иванов да стави вето на законот, професорите ги ставија во писмо, зад кое се потпишаа 300 професори и кое денеска им беше доставено на пратениците преку собраниските служби, но и до одговорните во ЕУ за образование.
„Само нов закон може да биде решение. Ако Собранието, сепак, изгласа закон, не по барање на граѓаните, туку по терк на Владата, тогаш ќе го урне легитимитетот и ќе биде партиска школа, а не храм на демократијата. Го повикуваме претседателот Ѓорге Иванов да собере храброст и да каже „не“ за ваков закон. Ако претседателот ... не посегне по ветото ќе го загуби не само својот политички легитимитет туку и професорското и моралното достоинство и интегритет“, се наведува во писмото, кое на собирот го прочита Владимир Мартиновски од Професорскиот пленум.
„Ако и ова не се случи, тогаш ни останува граѓански отпор. Затоа ве повикуваме да ги слушнете нашите барања. Ги упатуваме не како на угнетувачи, туку како на лица избрани од народот“, се наведува во писмото.
Студентскиот пленум, пак, кој беше организатор на изминатите три протестни маршеви на студентите, кои ја добија поддршката од професорите, денеска се солидаризираа со нив.
„Нас не не‘ интересира која партија е на власт, ниту пак да падне оваа Влада за да дојде некоја друга. Одбиваме да нè вплеткуваат во нивните политички игри. Нас не‘ интересираат исклучиво студентските права“, рече Владимир Делов од Студентскиот пленум.