„Овој извештај е најдобар доказ за тоа дека ние и покрај билатералниот спор со Грција и покрај сите можни предизвици кои ни се поставија на нашиот пат, сепак, не скршнавме и не се откажуваме од европската агенда“, оцени премиерот Никола Груевски.
По средбата со амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, кога му беше врачен Извештајот на ЕК за напредокот во 2014, тој потенцираше дека Македонија е подготвена да ги почне преговорите со Европската унија.
„Секој треба да ја сфати сопствената одговорност во овој процес, наспроти исполнување на теснопартиските и лични интереси за што некои веќе отишле, за жал, предалеку. Треба да се гледа што е интерес на државата и граѓаните и да се постапува согласно тој интерес“, порача Груевски. Според премиерот, извештајот констатира задоволително исполнување на политичките критериуми, големо подобрување за економијата, како и прогрес во правосудството и јавната администрација, области кон кои властите биле насочени во изминатиот период.
Откако евроамбасадорот Орав му го презентираше извештајот, и претседателот Ѓорге Иванов изразил задоволство од потврдената препорака на ЕК за подготвеноста на Република Македонија за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Според неговиот кабинет, Извештајот на ЕК „и оваа година дава објективна слика на сето она што е сработено и постигнато во земјата, како и насоки за предизвиците на кои во наредниот период треба да се посвети нашата држава“.
„Македонија е прва земја од регионот што го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ, од 2005 година е кандидат за членство, а од 2009 година комисијата дава препораки за почеток на пристапните преговори. Сметам дека Европскиот совет конечно треба да ги согледа последиците од предолгото чекање и да даде зелено светло за датум за почнување на преговорите“, потенцирал Иванов.
И додека малата партија која партиципира во власта, Демократскиот сојуз, излезе со став дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е објективен и е одраз на реалните достигнувања во повеќе области, а „забелешките за состојбите во некои области се силен мотив за да се вложат дополнителни напори за нивно подобрување, посебно во областа на медиумите, политичкиот дијалог, како и борбата против криминалот и јакнење на независноста на судскиот систем“, изненадувачко беше вчерашното молчење на албанскиот партнер во владеачката коалиција – ДУИ. Особено затоа што задолжениот министер за евроинтеграции Фатмир Бесими, е избран од кадровската листа на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бесими денес на прес-конферецнија потенцирал дека е „исклучително важно што и во овој извештај ЕК дава препорака до Советот на ЕУ за почеток на преговорите на Република Македонија за полноправно членство, но важни се и наведените укажувања за тоа на што во наредниот период треба да покажеме поголем напредок“. Тој најави дека откако извештајот ќе биде анализиран, ќе започне серија активности за подготовка на Акцискиот план, како и консултации, средби и дебати со академската заедница, невладините организации, приватниот сектор и сите други чинители кои можат да придонесат Република Македонија во иднина да покаже поголем прогрес.
Опозицијата пак, бара одговорност. По вчерашната остра реакција на заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, денес и претседателка на Комисијата на СДСМ за европски прашања, Лидија Димова, потенцираше дека е „опасно однесувањето на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ за пораките во Извештајот на ЕК. Груевски се прави дека не му е јасно. Јасни и недвомислени се пораките во Извештајот на ЕК со посочена одговорност кон врвот на власта. Прецизно се констатирани катастрофалните владини политики. Македонија е во ќорсокак“. Според неа, ЕК го констатирала „она што граѓаните го чувствуваат секој ден, дека Македонија назадува“.
Уште поостра е оценката на опозиционата Нова социјалдемократска партија -НСДП, според која „Никола Груевски за да го покрие овој срам и шлаканицата од ЕУ, може да ги уапси сите судии во Македонија, дури и оние кои што ги одработуваат валканите работи за ВМРО-ДПМНЕ, но вистината за состојбите во судството ќе остане забележана и во Брисел и во Вашингтон. ЕУ во Извештајот констатира директна контрола на државата врз комерцијалните медиуми преку владините реклами, а контролата врз јавниот сервис, резултира со недостаток на вистинско информирање и недостаток на точни и објективни информации“
Претседателот на Либерално демократската партија, Андреј Жерновски порача дека „нашиот народ треба да знае дека шокот во Брисел е огромен, откако ги слушнаа изјавите на власта која го оценува позитивно извештајот во кој ЕУ констатира дека македонската демократија не функционира и веќе неколку години е дефицитарна, анемична и пука по сите шавови“.
Во соопштението на Либералната партија се вели дека Извештајот на ЕК јасно укажува на општата опасност по македонските финансии и економија – загрижувачкото и перманентно зголемување на државниот и јавниот долг што ја доведува во прашање одржливоста на македонската економија. Партијата потенцира дека опасноста по македонската економија и држава произлегува „од малигната политика на ВМРО-ДПМНЕ, која мора да ја напушти праксата да го користи извештајот за дневно-политички трик-пресметки со опозицијата. Сите ја носат одговорноста, а мнозинската одговорност ја ности власта.“