По осуммесечно судење, во кое одделни рочиштата поради доверливоста на презентираните документи беа затворени за јавноста, денес во Основниот суд Скопје 1, беа изречени казните за обвинетите во случајот „Шпион“ - разузнавачи и воени разузнавачи, контраразузнавачи, поранешни и активни вработени во Армијата, во УБК, во Агенцијата за разузнавање и во Државниот архив.
Според обвинението, 19-темина обвинети формирале злосторничко здружение кое функционирало од 2009 до 2012 година, и преку кое сториле кривични дела – шпионажа - прибирање информации за странски разузнавачки служби. одавање државна тајна, уцена, изнуда и трговија со оружје
Првообвинетиот Марјан Ефремов, осомничен како организатор на шпионската мрежа е осуден на 15 години затвор за шпионирање и оддавање државни тајни на странски разузнавачки служби. Полицискиот генерал Горан Стојков е осуден на девет години, а поранешниот директор на Управата за спречување на перење пари, Ване Цветанов, кој беше ослободен од обвинението за шпионажа - на три години затвор. Марјан Маџоски, шеф на кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељановски е осуден на една ипол годна затвор, а останатите обвинети се осудени на затворски казни од една до четири години затвор, додека единствената условна казна ја доби обвинетиот кој ја призна вината за уцена.
Во случајот беше обвинет и новинарот Зоран Божиновски кој е недостапен за судот и се наоѓа во Србија, каде судот го одби барањето за негова екстрадиција во Македонија, па посебната постапка против него ќе започне кога и доколку биде испорачан.
Иако судијата во процесот, во образложението на пресудата потенцирал дека доказите и обемната документација се потврда за вината на обвинетите, ексгенералот Стојков, како и дел од роднините на осудените, бурно реагирале на пресудата, тврдејќи дека е политички мотивирана. За време на судењето, кое делумно медимите не можеа да го следат заради изнесувањето државни тајни, обвинетите тврдеа дека не се виновни и дека секогаш работеле во интерес на Македонија и бараа да бидат ослободени од кривична одговорност, но денес нивните бранители не ги коментирале казните
По пресудите рагираше опозицониот СДСМ. Оваа партија смета дека „ако навистина во судската постапка се докаже дека обвинетите во случајот „Шпион“ заслужиле над 70 години затвор, се поставува прашањето какви ли се државни тајни оддале? Иванов, Мијалков, Јанкулоска, Груевски и должат сериозни одговори на јавноста - колку е нарушена безбедносната состојба во Република Македонија со тајните што ги издале инволвираните во овој случај? Какви државни тајни издале овие луѓе? Што правела Управата за безбедност и контраразузнавање и дали нејзиниот директор Мијалков повеќе се грижел за своите бизниси во Чешка и Панама, додека се одлевале сериозни државни тајни, на што упатуваат изречените големи затворски казни?“
Од СДСМ повикуваат на утврдување на политичка одговорност за шпионската афера „Ако според полицијата, некои од обвинетите успеале цели три години да функционираат како злосторничка група која се занимавала со шпиoнажа и оддавање државни тајни, тогаш, дали разузнавачкиот систем во Македонија е како швајцарско сирење? Бараме политичка одговорност од сите во државата кои се повикани да ја штитат безбедноста на Република Македонија и нејзините граѓани“, потенцираат од СДСМ.