Линкови за пристапност

Членството на ЗНМ во одбрана на професијата


Репрезентативната новинарска асоцијација поднесе жалба во Стразбур

Здружението на новинари на Македонија преку својот правен застапник достави жалба пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за инцидентот од 24 декември 2012 година, „црниот понеделник“, кога при физичкото исфрлување на опозицијата од парламентарната сала од обезбедувањето, и новинарите беа спречени да ја вршат својата професионална задача и да известуваат за скандалот, откако и тие, со физичка присила беа отстранети од галеријата.

„ЗНМ беше заинтересирано ова прашање да го реши пред домашните институции, меѓутоа, ниту една од одговорните институции, тргнувајќи од Собранието на Република Македонија до Уставниот суд, не покажаа демократски капацитет да утврдат една очигледна повреда на Уставот на Македонија, кој гарантира слобода на изразување и информирање“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Македонските новинари од Европскиот суд бараат да утврди прекршување на членот 10 од Европската конвенција за човекови права поради насилното отстранување на новинарите, како и прекршување на членовите 6 и 13 од Конвенцијата, кои гарантираат право на фер судење пред Уставен суд и право на ефикасен правен лек.

„Ние веруваме дека Европскиот суд ќе утврди прекршување на правото на слобода на изразување..., затоа што е очигледно дека новинарите беа спречени да информираат за седницата за буџетот, а на јавноста и` беше ускратено правото да биде информирана за инцидентите во Собранието... Со овој потег, сакаме да им покажеме на македонските институции дека вакви репресивни мерки против новинарите и медиумите не се дозволени во демократски општества. Кој ќе ја преземе одговорноста ако Европскиот суд утврди дека со бркањето на новинарите од собраниската галерија е прекршено правото на слобода на изразување?“, прашуваат македонските новинари.

Покрај жалбата до Стразбур, ЗНМ со уште два настана покажа своевидно збивање на редовите во одбрана на загрозените права на професијата.

Најнапред, ЗНМ побара од челникот Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, инаку братучед на премиерот Никола Груевски, да се откаже од паричниот надомест од 6.000 евра, потврден и од Апелациониот суд, по неговата тужба за клевета против неделникот „Фокус“, односно, против главната уредничка Јадранка Костова и новинарот Владо Апостолов, зашто смета дека токму „судот ја испушти можноста да донесе праведна одлука, која ќе биде во согласност со Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и практиката на Европскиот суд за човекови права“.

Според ЗНМ, во земјите членки на Советот на Европа, кога се работи за клевета на новинар против јавен функционер, судовите најчесто изрекуваат симболични надоместоци од едно евро, „бидејќи јавните функционери треба да имаат поголем праг на толеранција кон јавна критика, и да бидат задоволни со тоа што судот утврдил клевета. Инсистирањето да се наплати досудениот надоместок ќе биде на штета на новинарите и на слободата на изразувањето“, се вели во соопштението од ЗНМ.

Според ЗНМ со актуелната пресуда се фрла дамка врз судската пракса, и со тоа, и покрај декриминализацијата на клеветата, повторно се нарушува имиџот на Македонија во светот, во поглед на слободата на изразувањето.

Исто така, во рамките на конференцијата на Европската Федерација на новинари, на која ќе учествуваат претставници на синдикати и здруженија на новинари од дваесетина држави, ЗНМ во понеделник на 6 октомври, во Клубот на новинарите во Скопје ќе организира „Вечер на солидарност“ за притворениот колега Томислав Кежаровски.

Овој настан, покрај солидарната помош за колегата, кој веќе 17 месеци е во притвор и во куќен притвор, и е спречен да работи и да го издржува своето семејство, треба да укаже на бавноста на жалбената постапка во контроверзното судење против новинарот - првостепено осуден на 4,5 години затвор за наводно откривање на идентитет на заштитен сведок, кој на судење призна дека лажно сведочел под притисок на полицијата.

XS
SM
MD
LG