Линкови за пристапност

И скопскиот аеродром подготвен за вирусот ебола


Обезбедени се посебни простории за изолација, за заразените и оние кои имале контакт со заболени од ебола, додека не бидат пренесени на клиника.

По аеродромите во Белград и Загреб и аеродромот „Александар Велики“ во Скопје е подготвен за згрижување на патници заразени со вирусот ебола. Од денеска, обезбедени се посебни простории за изолација, каде тие би престојувале додека не бидат преземени со специјално санитетско возило и транспортирани на Клиниката за инфективни болести.

Посебен карантински простор има за оние коишто имале контакт со заболен од ебола, во кој би престојувале три недели, додека не се утврди дали имаат симптоми на вирусот.

„Обезбедени се сите мерки за превенција од ебола, а донесовме и протокол за постапување при јавно-здравствен настан од биолошки ризик, кој е усвоен на Комисијата за заразни болести пред неколку дена и е доставен до аеродромските служби и до сите надлежни институции каде точно е нотирано кој какви мерки презема. Она што во следниот период ќе биде преземено тоа е поголема будност на аеродромот, ќе бидат поделени памфлети за патници со основни препораки за заштита од ебола, за патници кои заминуваат во земји каде има заболени, како и за патници кои се враќаат за да знаат како да постапат доколку имаат влошување на здравјето“, изјави Јованка Костовска, член на Комисијата за превенција заразни болести, која денеска одржала координативен состанок со раководството на аеродромот „Александар Велики“.

Имајќи ја предвид актуелната ситуација, според доктор Костовска, Комисијата има и свои проценки за евентуалниот ризик од појава на вирусот во земјава.

„Очекуваме сомнителен еден максимум до двајца во оваа ситуација во светски рамки како што е сега. Аеродромските власти имаат и свои постапки кои ги почитуваат и знаат точно да постапат како треба да се однесуваат ако во авионот има заболен или сомнителен патник и кого треба да известат“, вели Костовска.

Иако Република Македонија не е ендемско подрачје за вирусната инфекција ебола, сепак во услови на општа глобализација, земјава не е изолирана, вели првиот човек на Клиниката за инфективни болести и претседател на Комисијата за превенција од заразни болести, Звонко Миленковиќ.

„Во моментот ризик за влез на ваков пациент во Македонија постои, и иако тој не е многу голем, сепак постои, а спречување на ширењето на вирусот ќе зависи од мерките коишто ќе се имплементираат. На нашите аеродроми, согласно со мерките во Меѓународниот здравствен правилник 2005, една од мерките е за детекција на вакви невообичаени причинители кои во одредени времени периоди можат да се појават и во места каде никогаш досега не се појавиле“, вели д-р Миленковиќ.

Тој уверува дека македонските здравствени власти и сите надлежни институции се подготвени за вакви ситуации. Објаснува дека тоа се мерки за стандардна, универзална заштита од сите форми на заразни болести.

„Најбитно е информирање на граѓаните, посебно на оние кои патуваат во областите каде што ја има, потоа мерки за информирање на лицата кои доаѓаат од местата каде оваа болест е присутна, односно детекција на клинички симптоми на заболувањето и мерки за спречување на ширење на колективно и индивусиоално ниво“, објаснува Миленковиќ. Според него, причина што болеста за првпат од нејзиното појавување пред околу 40 години се јавува и надвор од ендемското подрачје на централна Африка, во Сиера Леоне, Либерија и други земји е непостоењето на доволно ресурси за спроведување на протоколите за спречување на ширење на болеста во овие земји, непочитување на мерките за заштита и тоа што болеста од руралните места, брзо се проширила во густо населените градски средини во западниот дел на Африка, каде мерките за заштита се тешко остварливи.

XS
SM
MD
LG