Линкови за пристапност

Обама се заложи за уништување на ИСИЛ


Во обраќањето од Белата куќа, првиот човек на САД најави неуморни напори за поразување на терористите

Американскиот претседател Барак Обама предложи значително проширување на воздушните напади против упориштата на милитантите во Ирак и Сирија и се заложи за „неуморни напори“ за збришување на терористите „каде и да се наоѓаат“.

Во обраќање од Белата куќа во ударен вечерен термин, спроти одбежувањето на 13-годишнината од терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва, Обама пред нацијата изложи дека САД и сојузниците се соочуваат со растечка закана од се` позасилениот исламски екстремизам во Ирак, Сирија и другите делови од немирниот Блиски Исток, но и регионот во Северна Африка.

Планот на врховниот командант на САД вклучува обука и вооружување на ирачките безбедносни сили, како и на сириските опозициски борци, со цел да им помогнат на групите коишто војуваат против Исламската држава, исто така позната како ИСИЛ.

Обама потенцираше дека борбата против ИСИЛ ќе се разликува од неодамнешните американски војни во Ирак и во Авганистан.

Нема да бидат ангажирани американски борбени единици да војуваат на странска почва. Оваа антитерористичка кампања ќе се одвива преку постојани, неуморни напори за искоренување на ИСИЛ
Барак Обама, претседател на САД

„Нема да бидат ангажирани американски борбени единици да војуваат на странска почва. Оваа антитерористичка кампања ќе се одвива преку постојани, неуморни напори за искоренување на ИСИЛ, каде и да постојат, при што ќе биде користени воздушни напади и наша поддршка за сојузничките сили на теренот“, изјави првиот човек на САД.

“Оваа стратегија има цел да ги сузбие терористите што ни се закануваат, а истовремено ги поддржуваме сојузниците во првите борбени редови, како што тоа успешно го правевме во Јемен и во Сомалија со години” рече Обама.

Тој дискутираше за можноста за проширување на американските воздушни напади против упориштата на милитатните од другата страна на ирачката граница, во Сирија, и индицираше дека сојузниците во Европа, Блискиот Исток и насекаде се подготвени да се приклучат во антитерористичката кампања со којашто предводат САД. Според него, со новата ирачка влада и консултациите со сојузниците во странство и со Конгресот дома, Обама рече дека Америка ќе ја предводи широката коалиција за неутрализирање на најновите терористички закани.

XS
SM
MD
LG