Линкови за пристапност

Дали Обама ќе биде порешителен во однос на светските кризи?


Пред излагањето на претседателот за стратегијата спрема ИСИЛ, надеж кај некои дека Обама ќе се рефокусира во надворешната политика.

Чувство на итност се чини дека ја зафати администрацијата откако милитантите на ИСИЛ објавија видео материјали за обезглавувањето на двајца американски новинари.

Групата Исламска држава веќе зазеде делови од Ирак, кога републиканските законодавци и други критичари почнаа да го ставаат под лупа надворешнополитичкиот пристап на претседателот кон светските кризи.

„Не можеме да се ангажираме во површна надворешна политика, само за сликање, или да ја базираме на издавање соопштенија за медиумите, или да фрламе по некоја бомба овде-онде, без стратегија која е диктирана од јасни и недвосмислени армиски цели, што натамошно ги штитат американските национални безбедносни интереси“, кажа републиканскиот сенатор Тед Круз.

Дури и членовите од неговата партија го обвинуваа Обама дека е премногу претпазлив и дека нема чувство на итност во Ирак.

Сепак, Кен Софер од Центарот за американски напредок вели дека пристапот на претседателот можеби не наидува на одобрување од критичарите кои се залагаат за брза армиска акција, но неговите одлуки се стратешки и опфаќаат долгорочни цели.

„Една од најсилните страни на претседателот е што не донесува избрзани одлуки. На различни надворешнополитички кризи тој гледа и ги оценува во однос на тоа каква закана претставуваат за американските интереси, за американските можности и за американските граѓани“, вели Софер.

Некои велат дека претпазливиот пристап во надворешната политика на Обама, вклучително и неволноста да се ангажира воено, создало кај светот чувство за американско неангажирање во светот.

Ваквата перцепција доаѓа во време кога други нации бараат од САД лидерство во справување со овие кризи, не само во Ирак, туку и во Украина, каде руски тенкови ја газат границата.

Мајкл О`Ханлон од Институцијата Брукингс вели:

„Претседателот веќе неколку години се обидува да види дали има замена, но се надевам дека веќе сфаќа оти иако САД работат на создавање коалиции и наоѓање партнери, нема друг во меѓународниот систем на 21-от век што би ја презел улогата на лидер“.

О`Ханлон вели дека се` уште има време Обама да го промени својот надворешнополитички фокус кон порешителна акција и помалку да се потпира на други нации да преземат поголема водечка улога.

И покрај ова, Белата куќа најави дека претседателот бара волни партнери за борба со тоа што државниот секретар рече дека претставува „непосредна закана“ за САД.

XS
SM
MD
LG