Линкови за пристапност

Гласот на Никола многу ќе недостасува


Од синоќешниот, неформален помен за Никола Младенов крај Камениот мост. Фотографија: Томислав Георгиев
Од синоќешниот, неформален помен за Никола Младенов крај Камениот мост. Фотографија: Томислав Георгиев

Амбасадата на САД во Скопје по повод смртта на новинарот, основачот и сопственик на весниците Фокус.

„Ироничните, духовитите и понекогаш саркастични опсервации на Никола беа важен дел на неговата искрена проверка на општеството, што е толку важно за постоење на еден отворен и динамичен јавен дијалог. Тој глас многу ќе недостасува“, се наведува во изјавата од Амбасадата на САД по повод трагичната смрт на новинарот, основачот и сопственик на весниците Фокус, Никола Младенов. Амбасадата во соопштението изразува најдлабоко сочуство до семејството и многуте негови пријатели во Македонија.

Македонија загуби новинар и борец во потрагата по вистината која требаше да биде единствен компас во развојот на демократијата, стои во телеграмата со сочувство што денеска до семејството на Младенов ја испрати министерот за одбрана Талат Џафери. Во неа тој уште наведува дека Никола Младенов ќе остане запаметен „по храброста да се бори и изборува за вистината во времиња во кои тие вредности се најзначајни за напредокот на современа Република Македонија“.

Вчерашната вест ја потресе новинарската фела.

„Никола беше и останува светла точка на македонското новинарство, од кого ќе можат да учат иднините генерации новинари“, наведува Здружението на новинари на Македонија.

Неговото прерано заминување, според ЗНМ, не е само голема загуба за неговото семејство и неговите пријатели, туку за сите македонски новинари.

„Изгубивме колега, кој остана верен на неговите читатели и критичен на секоја власт. Вакви новинари се ретки и затоа загубата е огромна“, се вели во соопштението.

За Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, заминувањето на Младенов е ненадоместлива загуба, не само за македонското новинарство, туку и за севкупното и онака нарушено општествено здравје“.

„Никола Младенов направи повеќе за демократизацијата на ова општество од која било политичка партија и која било власт. И уште повеќе: најчесто токму политиката, онаа дневната, прагаматичната му беше најголемиот кочничар во тежненијата да го оствари неговиот идеал“, пишува ССНМ.

Емотивни сеќавања на новинарските дружби со, како што го нарекоа, рицарот во своите колумни во дневните весници, преточија и неговите колеги и пријатели.

„Секогаш на страната на послабите, немоќните, секогаш против злоупотребите на власта и моќта, остави зад себе длабоки бразди во македонскиот журнализам од крајот на 20-от век и првите декади на 21-от век и на транзицијата. Како основач на неделникот и на дневниот весник „Фокус“, Никола Младенов водеше една од најтешките битки во новинарството, која е речиси невозможно да се добие во Македонија. А тоа беше да имаш свој весник, да бидеш секогаш критички настроен кон власта и кон центрите на моќ и пари и, притоа, да преживееш, а весниците да излегуваат редовно. Ова е многу потешко отколку да го наостриш перцето и да пишуваш чесно и професионално“, напиша Ерол Ризаов во „Утрински весник“.

Горан Михајловски во „Вест“ им порача на двете малолетни ќерки на Младенов дека има со што да се гордеат.

„Чувајте ги неговите примероци на „Млад борец“, предвесникот на македонската демократија. Чувајте ги храбрите насловни на неделникот „Фокус“. Чувајте ги дневните изданија на „Фокус“, со кои знаеме дека имаше многу проблеми. Имате со што да се гордеете“, напиша Михајловски.
XS
SM
MD
LG