Линкови за пристапност

Неформален помен за Никола Младенов

  • Синиша Станковиќ

Фотографија: Томислав Георгиев

Фотографија: Томислав Георгиев

Колеги, пријатели, но и обични граѓани синоќа спонтано се собраа во центарот на Скопје во знак на сеќавање на трагично загинатиот влијателен македонски новинар

Синоќа крај Камениот мост во Скопје, колеги, пријатели, но и обични граѓани се собраа за да запалат свеќи во знак на сеќавање на Никола Младенов, еден од највлијателните македонски новинари, кој загина во сообраќајна несреќа, под засега неутврдени околности.

Никола Младенов беше жесток критичар на сите власти во Македонија, низ чии медиуми поминаа и под чија диригентска палка, последните две и пол децении, работеа десетици новинари.

Сопственикот на неделникот „Фокус“ и на истоимениот дневен весник загина во сообраќајна несреќа на клучката на автопатот Велес - Скопје, откако неговото возило излетало од патот. Се` уште не се знаат причините за несреќата, а нема официјална информација ни од полицијата, ни од Истражниот суд. Телото на Младенов е предадено на Судска медицина на обдукција, а возилото ќе биде предмет на вештачење на стручните лица. Увидот на местото на несреќата траел неколку часа, а вчера цело попладне полицијата го обезбедувала местото и не им дозволувала пристап на новинарските екипи.

За денес е закажана комеморација и погребот, но јавноста ги очекува резултатите на обдукцијата и на вештачењата на возилото и на патот.

Фотографија: Томислав Георгиев

Фотографија: Томислав Георгиев

Според медиумите, претставници на Хелсиншкиот комитет најавиле дека ќе побараат увид во целиот процес на истрагата за несреќата. Медиумите пренесоа неименуван полициски извор дека новинарот немал пријавено закани и притисоци.

Младенов (1964) со почетокот на таканаречената „Македонска пролет“ на крајот од осумдесеттите години од минатиот век, при преминот од еднопартиски систем во плурализам и при осамостојувањето на Македонија на почетокот на деведесеттите, беше главен уредник младинскиот неделник и подоцна политички магазин „Млад борец“. Беше и основач на радиото „Либертас“ во 1993-та, а од 1995-та беше сопственик и главна движечка сила на неделникот „Фокус“, кој пред две години изроди и истоимено дневно издание.

Беше познат како остар полемичар, колумнист и аналитичар кој често ги изнесуваше своите ставови и во ТВ-дебати.

Во пораката на Здружението на новинарите се вели: “Прераното заминување на Младенов не е само голема загуба за неговото семејство и неговите пријатели, туку претставува огромна загуба и за сите македонски новинари. Изгубивме колега, кој остана верен на неговите читатели и критичен на секоја власт. Вакви новинари се ретки и затоа загубата е огромна. Никола беше и останува светла точка на македонското новинарство, од кого ќе можат да учат иднините генерации новинари. ЗНМ изразува сочувство на семејството на Младенов и на неговите блиски соработници и пријатели. Почивај во мир колега!“.
XS
SM
MD
LG