Линкови за пристапност

Нимиц со нов предлог


Македонија и Грција сега треба да го проучат, а новата средба потоа треба да се случи во наредните два месеца.

Посредникот на ОН Метју Нимиц во најновата рунда разговори за името во Њујорк дал нов предлог за кој се надева дека може да отвори пат за решавање на спорот.

„На обете страни им претставив некои мои нови размислувања, нов предлог, и ги замолив амбасадорите Јолевски и Василакис да ги достават до своите влади. Се надевам дека ќе ги проучат мошне внимателно. Особено се надевам дека обете страни ќе најдат позитивни состојки во овој предлог и дека тој евентуално ќе може да го поплочи патот до сериозна дискусија и решение“, изјави Нимиц по заедничката средба со преговарачите на Република Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Преговарачите на средбата ги посетил и потсекретарот на ОН за политички прашања, Џефри Фелтман, кој, според Нимиц, дал свое гледиште за прашањето и пренел дека генералниот секретар Бан Ки-мун лично е мошне заинтересиран за ова прашање и се надева дека може да се најде решение.

Нимиц не сакаше да одговори конкретно за каков предлог се работи, кусо наведувајќи: „Да, конкретен е, и да се надеваме дека ќе ги фокусира двете страни на решението. Нема да дадам детали за тоа што содржи, такво нешто немам направено досега. Двете страни треба да го проучат“.

Нимиц со нов предлог
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:20 0:00
Коментирајќи на тоа кои се` земји изразиле интерес за разговорите, во контекст на очекувањата на Македонија за добивање на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, Нимиц рече дека, посекако, повеќето европски земји се мошне заинтересирани, исто како и САД, а понекогаш и земји од други делови на светот.

„Ова е мошне важно регионално прашање, мошне важно европско прашање, има рамификации, и постои голем интерес“, рече посредникот на ОН.

На прашање на Гласот на Америка за тоа дали новиот предлог значи дека страните се поблиску до решение или не, Нимиц повторно во дипломатски стил реагираше дека „се` додека не постигнеме решение, не сме постигнале решение“.

„Ги посетив земјите претходно годинава, имав интензивни разговори, разговарам со амбасадорите Василакис и Јолевски на редовна основа. Дури и меѓу ваквите средби, имаме чести разговори, некогаш директни, некогаш во Европа, некогаш преку телефон. Добив многу повратни информации од мојата последна рунда разговори и оттаму се обидувам да ги рафинирам тие идеи и да им дадам нови формулации што можеби им се потребни на прашањата, забелешките и проблемите од минатиот пат. Да се надеваме дека ќе се приближиме до решение“, рече Нимиц.

Тој најави дека наредната средба треба да се случи во наредните два месеца, без разлика дали ќе биде во Њујорк, во регионот, или на трето место.
XS
SM
MD
LG