Линкови за пристапност

Договор за продолжување на преговорите


Од протестот на опозицијата во Собранието на 24-ти декември 2012-та
Од протестот на опозицијата во Собранието на 24-ти декември 2012-та

Умерен оптимизам на претседателот на Комисијата во оставка, професорот Давитковски, дека до петок можеби ќе се постигне решение.

Според претседателот во оставка Борче Давитковски, на средбата во проширен состав на Комисијата за расветлување на настаните од 24-ти декември, на која покрај четирите редовни членови, по двајца од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваа и лидерите на двете партии, Зоран Заев и Никола Груевски, како и Радмила Шеќеринска од СДСМ и Мартин Протуѓер од ВМРО-ДПМНЕ и странски претставник, денес е постигнат напредок.

Според изјавата на професорот Давитковски дадена по неколкучасовната средба во Клубот на пратениците, постигнат е договор да се продолжи со работа и утре, кога тој и странскиот експерт ќе се сретнат одделно со претставниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, а, ако е потребно, ќе има и уште една средба и со лидерите, за конечно да се „испеглаат“ разликите околу инцидентите на „црниот понеделник“.

Иако според изјавите пред денешната средба на двата партиски лидера – Заев изјави дека очекува до петок да се донесат заклучоци во кои ќе се констатира прекршување на Уставот и на законите, а Груевски дека СДСМ ќе ја препознае важноста за државата од донесувањето на заклучоците и ќе ги надмине теснопартиските интереси – можеше да се очекува опстојување на непомирливите разлики меѓу власта и опозицијата, професорот Давитковски за Гласот на Америка на македонски јазик, сепак, изрази умерен оптимизам во поглед на крајното решение и најави дека е можно комисијата да го донесе извештајот до петок.

На вчерашната средба, Груевски и Заев се договорија Комисијата да заврши со работа до петок, 23-ти август, со или без постигнат договор, но и денешната промена на форматот на средбата на Комисијата со вклучување на лидерите на партиите, говори за итноста и важноста од донесувањето на заклучоците за собраниските настани од 24-ти декември.
XS
SM
MD
LG