Линкови за пристапност

Средба Груевски - Заев: без конкретен резултат


По 45-минутен разговор, заврши средбата во Владата на премиерот Никола Груевски со водачот на опозициониот СДСМ, Зоран Заев, за усогласување на ставовите околу работата на Анкетната комисија за инцидентот на 24-ти декември.

На камерманите од македонските медиуми не им било дозволено снимање, а по средбите Груевски и Заев не дале изјави.

Според издаденото заедничко соопштение, тие „се договориле крајниот рок за постигнување согласност за Извештајот на комисијата за настаните на 24-ти декември, да биде пролонгиран до петок, 23-ти август, по што, доколку не биде постигната согласност, ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение...“.

Во соопштението се наведува дека Груевски и Заев се договориле следните неколку дена „да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување на договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија“.

Пред состанокот, Заев најави дека средбата со Груевски е давање на уште една шанса на дијалогот, зашто, се` до крајниот рок, „се` уште е отворена можноста да се донесат заклучни согледувања и препораки како извештај од работењето на Комисијата“.

Според мартовскиот договор, постигнат под покровителство на Штефан Филе, Комисијата требаше да достави конечен извештај 60 дена од денот на формирањето (14-ти август), по што беа определени уште десет дополнителни денови, до 24-ти август, како краен рок за изготвување на Извештајот за скандалот.

Но, викендов, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека неговата партија нема да остане нем набљудувач на евентуалите последици од блокадата на работата на Комисијата, побара конструктивност од опозицијата во име на повисоките државни интереси и најави нови чекори и нова стратегија за решавање на проблемот, „кои ќе бидат сосема различни од досегашните“. Според Груевски, СДСМ мора да се ослободи од влијанието од експретседателот Бранко Црвенковски, кого директно го обвини дека го предизвикал прекинот на работата на ад-хок комисијата.

„Не ме изненадува неговиот гест, зашто тој и во минатото создаваше кризи, проблеми и застои со кои се обидуваше да направи штета од лични интереси, но останува да видиме дали СДСМ ќе успее да се извлече од неговите канџи во наредниот период. Практично, тие се негов заложник, иако имаат ново раководство. Сосема ни е јасно дека главниот проблем е кај тој човек и тој во заднина се` уште ги влече сите конци во СДСМ“, обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски побара од СДСМ „да ги надминат внатрешните несогласувања“ за блокадата на Комисијата да не се одрази негативно на претстојниот извештај на Европската комисија.

„Фокусирани сме и ќе останеме фокусирани на дијалогот, на изнаоѓање решение. Ја користам и оваа прилика да упатам апел до СДСМ да најдат начин да дојдеме до решение, да излезат од внатрешните проблеми во партијата барем по ова прашање. Не претендирам за нивните други внатрешни прашања, но барем за ова прашање да најдат начин да помогнат на државата, не на ВМРО-ДПМНЕ или на Владата. Станува збор за проблем кој што и` го создаваат на државата со нивните пречки внатре во партијата“, рече Груевски.

Опозционата СДСМ пак, инсистира во Извештајот да се утврди фактичката состојба, законитоста и уставноста на настаните од 24-ти декември.

„Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се нервозни поради тоа што притиснаа роковите за заклучоци во врска со инцидентите, еден од условите што и` ги постави Брисел на земјава. СДСМ уште еднаш ja повикува власта на крајна сериозност, затоа што лошите политики на Груевски и на оваа Влада, во континуитет ја комплицираат европската иднина на земјата“, изјави партискиот портпарол Петре Шилегов.

Деновиве се очекува членовите на Комисијата да го изнесат својот став за предлозите на меѓународниот експерт, кој, како набљудувач подготви компромисни решенија за спорните констатации и препораки од извештајот на Комисијата - за отстранувањењето на пратениците и новинарите од Собранието. Без наведување на изворите, неофицијално, дел од медиумите објави дека и во предлозите на белгискиот експерт е констатирана повреда на Уставот.

Иако премиерот Груевски во најавата на новата стратегија на власта не прецизираше што таа ќе содржи, во дел од денешните печатени медиуми се шпекулира дека мошне скоро, до крајот на годината или најдоцна напролет, во Македонија ќе бидат закажани парламентарни избори.
XS
SM
MD
LG