Линкови за пристапност

Фејсбук слави 10 години


Популарната интернет-страница имаше огромно влијание и врз другите социјални мрежи како Твитер, Инстаграм и Снапчет

Најголемото име во светот на социјалното поврзување - Фејсбук во вторник слави 10 години од појавувањето во кибернетскиот простор. Оваа интернет платформа која почна од студентски домови, денес има 1,23 милијарди корисници.

Основачот и извршниот директор на Фејсбук, Марк Зукенберг преку соопштение на Фејсбук изјави дека се надева оти следните 10 години ќе и` овозможат на компанијата да го прошири капацитетот. Тој рече дека Фејсбук сака да им помогне на луѓето да решаваат поголеми и поважни проблеми.

Компанијата објави дека нема јавни планови за прослава, но дека оваа пригода е повод многумина да се навратат на метеорскиот подем на оваа популарна интернет-страница и нејзиното влијание врз другите социјални мрежи како Твитер, Инстаграм и Снепчет.

Компанијата се проценува на 157 милијарди долари
Првичното појавување на берзата за Фејсбук во 2012-та покажа неочекувано слаби резултати, но акциите на компанијата оттогаш пораснаа на рекордно ниво. Компанијата се проценува на 157 милијарди долари, повеќе од било која голема фирма со многу поголема историја.

Експертите велат дека главен предизвик на оваа интернет-страница за социјалното поврзување е одржувањето на интересот на младите корисници, кои имаат тенденција кон прифаќање нови технологии, но истовремено и да се задржат и нивните родители кои се во базата на корисниците на Фејсбук.

Независно што носи иднината, Фејсбук веќе остави белег на денешницата – воведе нови термини во модерниот вокабулар.
XS
SM
MD
LG