Линкови за пристапност

По студентските протести во Македонија: стигна првото барање за оставка на министерот Адеми


Медиумите дебатираат околу бројот на учесници, а на социјалните мрежи се бара одговорност по тврдењата дека директорите заклучувале средношколци

Покрај масовниот скопски марш, којшто вчера и денес е топ-тема на социјалните мрежи и во дел од медиумите, некако во втор план беа ставени протестите на студентите во Битола и во Прилеп, чии учесници се солидаризираа со скопските колеги.

Битолските студенти маршираа од Техничкиот факултет до Ректоратот, со транспаренти и слогани против воведувањето на државниот испит. Прилепскиот протестен марш имал помалку учесници, како што се јавува во медиумските извештаи оттаму, наводно поради притисоците на коишто биле изложени студентите, и, пред се`, средношколците, со тврдења дека не им било дозволено да ги напуштат училиштата.

Во медиумите и на социјалните мрежи наводи и за сличен однос во одделни скопски средни училишта - закатинарени врати на училиштата, користење на приватните служби за обезбедување за задржување на учениците, правење списоци и разни закани, поради што на социјалните мрежи се бара одговорност од директорите и наставниците.

Во очекување на официјалните реакции од политичката сцена на вчерашниот студентски марш како најголем непартиски протест во суверена Македонија, македонските медиуми денес, во политичка обоеност, главно полемизираат за (не)успешноста на маршот и за бројот на учесниците - од 3.000, па се до 18.000. Паралелно со молкот на одделни медиуми во Македонија, за маршот известуваа речиси сите влијателни медиуми од регионот. Странските медиуми особено го потенцираат фактот дека основна нишка на маршот во организација на неформалниот Студентски пленум била солидарноста, како и дека учесници биле млади луѓе од сите етнички и верски заедници и дека мирниот протест поминал без инциденти.

Откако на Студентскиот пленум со јавно сопштение му се придружи и Унијата на студенти - Албанци од Македонија, што можеше да се забележи и според транспарентите и слоганите и на македонски и на албански јазик, поддршка стигна и од студентите од регионот. Најпрвин студентското движење “За Универзитетот” од Тирана се солидаризираше со барањата на студентите во Македонија, порачувајќи им: „Вашата кауза е наша кауза! Вашата борба е наша борба!“, а за денесе најавено и „Студентскиот фронт“ од Белград да организира митинг на поддршка на македонските суденти пред амбасадата на Република Македонија, под мотото: „Да живее борбата на македонските студенти! Ние сме студенти, а не клиенти. Еден свет – една битка“.

Инаку, Ректоратот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ до факултетите го достави Предлогот на Министерството за образование и наука за воведување државен испит, и академската заедница треба да се изјасни за него. Во меѓувреме, покрај молчењето на прозваните и бројните реакции, дебати и полемики на дел од академската заедница на социјалните мрежи, професорот д-р Ристо Малчевски во отворено писмо побара оставка од челниците на ресорното Министерство за образование и наука (МОН).

Тој директно ги обвини министерот Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристевски за „авантура“ и за збунување на јавноста и манипулирање на граѓаните на Македонија во изминатите четириесетина денови. Цитирајќи дел од документот на МОН, дека “досегашната практика покажала дека во одредени високообразовни установи во државата, со оценувањето не се врши реална проценка на знаењето…”, и изразувајќи надеж дека таквото сериозно тврдење е засновнано врз сеопфатно истражување, Малчевски бара од МОН да обелодени: „кој е нарачател и кој го спровел истражувањето, во кој период и врз која популација е реализирано истражувањето, како е извршен изборот на примерокот, кои методи и техники се користени за прибирање на податоците и кои научни методи се користени за изведување на заклучокот што го наведувате?“.

XS
SM
MD
LG