Линкови за пристапност

„Студенти, студенти, независни и силни“


Една од паролите на денешниот, најголем досега студентски протест во суверена Македонија

Од скандирањата на илјадниците студенти денеска ечеше центарот на македонската престолнина.

Студентите маршираа против воведувањето државен испит, како алтернатива којашто Владата ја воведе по најавите за контроверзното екстерно тестирање во високото школство. Тие се решија на ваков чекор откако министерот за образование Абдилаќим Адеми не прифати средба со нив, а премиерот Никола Груевски изјави дека се длабоко партиски мотивирани.

Извикувајќи „Студенти, студенти, независни и силни“, „Еве сме, сега ќе не слушнете!““, „Доста беше молк!’, „„Автономија!“, „Нема правда, нема мир!“ и „Која сила ќе го сопре гласот на студентите?“, тие тргнаа од платото пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), поминаа покрај Собранието и го завршија мирниот протест пред Владата, каде порачаа дека „Ова е само почеток“ и дека повторно ќе излезат на улица ако власта нема слух за нивните оправдани барања.

Претставници на Студентскиот пленум во празниот објект на Владата доставија во архивата писмо на шест страници со студентските аргументи против државниот испит. Во двочасовниот марш, рамо до рамо со колегите од скопскиот УКИМ маршираа и студентите од тетовскиот Универзитет на Југоисточна Европа („Штуловиот универзитет“), На студентите од разни националности и вери им се придружија и средношколци, професори, пензионери и случајни минувачи... Според слободна проценка на дел од полицајците со коишто разговаравме, а коишто го обезбедуваа протестот, на улиците имаше над 10.000 демонстранти.

Порачувајќи дека им е доста од, како што наведуваат, експериментите со коишто само во последниве неколку години се воведени десетина измени и дополнувања на законот за високо образование, дел од студентите ја обвинија власта за лицемерие, тврдејќи дека ако Владата навистина била заинтересирана за квалитетот на образованието, немало при вработувањата најчесто пресудни да бидат партиските книшки, туку со труд заслужените дипломи. Студентите бараат обмислување на предложеното решение за државен испит и ја повикуваат власта да ги покани на дискусија за мерките за подобрување на образованието, истакнувајќи дека и тие се за реформи коишто мора да бидат обмислени и донесени со нивно активно учество.

„Предлагаме повторно да се разгледаат акредитациите што им се дадени на различни факултети и универзитети и студентски програми и ако тие не се добри да се укинат, затоа што кога министер излегува со изјава дека е јавна тајна дека секаде се купуваат дипломи, тогаш вината е нивна и тие треба да ги разгледаат лошите одлуки што досега ги направиле. Со колективна казна не може да направиме позитивни промени во образованието“, рече студенката Анастасија Петревска од Студентскиот пленум.

Порачувајќи на македонската јавност дека тие се иднината на Македонија, студентите побараа задолжително да бидат консултирани за законските решенија коишто се однесуваат за нив и да се сопрат погрешните реформи коишто го уназадуваат образованието.

Електронското издание на неделникот „Фокус“ објави став на некои од учесниците дека xтие „денес ја плаќаат сметката поради тоа што некогаш молчеле невните родители“.

Иако сообраќајот на улиците не беше навремено регулиран, особено пред Владата, се` помина во најдобар ред и без инциденти. Од друга страна, иако за време на протестот во центарот на Скопје, „паднаа“ мрежите на мобилната телефонија, тоа не ја спречи „експлозијата“ на социјалните мрежи на коишто, својствено на новата генерација, беа поставувани фотографии од илјадниците телефони и камери. И додека дел од медиумите јавија дека се собрале едвај 2-3.000 демонстранти, а имаше и вести за наводни автобуси со пензионери коишто ги организирала опозицијата, студентите на социјалните мрежи објавуваа фотографии и видео-материјали, „твитуваа“, коментираа...

Во текот на утрешниот ден се очекуваат првите официјални реакции за протестот и особено за наводите за манипулирање со средношколците. Некои од нив во медиумите се пожалија дека биле заклучувани во улилиштата и дека директорите и професорите им се заканувале со казни и со забрани за полагање на матурата, ако се придружат на протестот.

XS
SM
MD
LG