Линкови за пристапност

Иванов: Нема да дозволиме ескалирање на состојбата


Припадник на специјалните полициски сили фрла поглед од оклопно возило во Куманово
Припадник на специјалните полициски сили фрла поглед од оклопно возило во Куманово

„Македонија има сила и сите кои сакаат да и` нанесат зло, како овие терористи, ќе завршат како оваа групација“, изјави премиерот Груевски во првото обраќање по дводневната криза во Куманово

„Сплотени сме во вакви моменти со лидерите на политичките партии, бидејќи безбедноста на државата секогаш била над се`, a лидерите на политичките партии да се однесуваат поодговорно“, порача вечерва претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов.

По завршувањето на седницата на Советот за безбедност, на којашто освен постојаните членови, беа присутни и претставници на ДУИ, СДСМ и ДПА, Иванов побара смиреност на граѓаните во критичниот момент за државата, и изрази жалење за осумтемина убиени полицајци. Тој изјави дека сите институции работеле согласно нивните надлежности, дека се презела акција којашто имала за цел да спречат цивилни жртви и потенцираше дека разбиената вооружена група „нема поддршка ниту во Македонија, ниту во регионот, знаевме дека е сочинета од екстремни криминални поединци со добри вештини, не ги потценивме во ниту еден момент да извршат терористички напад и затоа беше во толкав обем акцијата и затоа, за жал, плативме и со толкава цена“.

Иванов соопшти дека за активностите на групата бил запознаен уште на почетокот на годината, по што Македонија писмено ги известила партнерските служби за безбедност од 17 земји на ЕУ и НАТО, но додаде дека тоа немало резултат. Тој порача дека нема да се дозволи ескалирање на состојбата и дека напаѓачите „скапо ќе платат за тоа што се обидоа да и` го сторат на Македонија“.

Потенцирајќи дека предолго време отсусутвува полчитички дијалог, Иванов рече дека е крајно време водачите на политичките партии да почнат да разговараат за надминување на политичката криза.

„Одговорност за состојбите во Македонија мора да има и за сето она што е сторено и за сето она што не е сторено, а требало да се стори“, рече Иванов.

На состанокот на Советот биле присутни премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за надворешни работи Никола Попоски, поканетите гости – водачот на СДСМ Зоран Заев и замените на водачите на ДУИ и ДПА коишто не ја признаваат легитимноста на Иванов, Талат Џафери и Имер Aлиу, како и редовните членови Вели Краци, Флора Кадриу и Насер Сејдини.

Пред состанокот, водачот на опозицијата Заев даде изјава за медиумите во којашто потенираше дека неговото присуство на состанокот не значи дека СДСМ и дава легитимитет на политиката на Владата.

„Тука сум исклучиво поради загриженост за безбедноста во државата, и за да побарам објаснување - кој и зошто ја дестабилизира Македонија, дали кризата во Куманово е завршена, дали е точно дека има вакви групи во други региони и дали државните органи имаат план и стратегија за смирување на состојбите и спречување на ескалација?“, кажа Иванов.

Претходно, попладнето на јавноста ѝ се обрати премиерот Груевски чиешто отсуство од јавноста беше многу коментирано во кризниот викенд, во дел од медиумите и особено на социјалните мрежи.

„Македонската полиција ја имаше досега најсложената, натешка и најкомпликувана операција, која беше посветено и професионално изведена и водена од раководителите на МВР. Тоа беше високопрофесионална, херојска и патриотска акција. За жал, 8 полицајци го изгубија животот. Но, со нивната храброст тие спречија убиства, можеби на 8.000 луѓе. Слава им. Нивниот патриотизам и херојство ќе биде пример на многу генерации, нивната жртва нема да се заборави“, изјави премиерот, којшто истакна дека „ги имал најтешките два дена“.

Според Груевски, „една од намерите на групата сигурно беше дестабилизација на Македонија. Неопходноста и тајмингот на полициската акција беа одредени по претходно добро добиени информации, а секое одлагање ќе значеше нови ризици. Сите што и‘ мислат зло на Македонија ќе завршат како оваа групација“.

На прес-конференција претходно, МВР соопшти дека акцијата во Куманово завршила и дека е „разбиена најсилната терористичка група на Балканот“. Според податоците на Министерството, во акцијата загинале осум а се ранети 37 полицајци, како и дека има најмалку 14 загинати терористи, додека триесеттина се предале.

Портпаролот на МВР Иво Котески наведе дека „терористичката група ја предводеле Мухамед Красниќи - Малишева, Сами Укшини - Соколи, Бег Риза - Војнику, Дем Шеху и Мирсад Ндрецај - Командант НАТО, жители на Косово, познати на полицијата како основачи на паравоени структури“. Уапсените се главно македонски државјани и еден албански. Дел од нив биле припадници на поранешната 113-та бригада на УЧК, а нивниот план, според Котевски, бил од средината на мај да нападнат голем број институции во Македонија.

МВР, коешто објави и видео-снимка од уапсените, соопшти дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднело кривична пријава против определен број лица, за сторено кривично дело – терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по чл. 313 од Казнениот законик.

Ослободителната армија на Албанците - ОНА, којашто според медиумски извори вчера презела одговорност за нападите во Куманово, наводно од Гостивар упатила ново соопштение до албанските медиуми, за коешто нема официјална потврда за веродостојност, а коешто од приштински „Бота сот“ го пренесоа и дел од македонските медиуми. Во тоа соопштение се обвинува министерката Јанкулоска дека „шири лаги и невистини“ и се повикуваат и владите во Тирана и Приштина „наместо натамошни бесполезни дипломатски зборови за оваа ситуација, да свртат позитивно внимание кон европските меѓународни организации, со цел да се запре насилството на полицијата врз недолжното цивилно население“. А според порталот „Лајм“, извесен Хамди Ндрецај, чијшто псевдоним во 2001 бил Командант Пантери, побарал од Али Ахмети во најкраток можен рок да ја напушти владата на Груевски, и најавил герилска војна слична на онаа од 2001-ва година.

Во првите реакции за случувањата во Куманово внимание привлече изјавата за порталот Фактор на поранешниот евроамбасадор во Македонија Ерван Фуере дека „македонската Влада се однесува крајно неодговорно и ја потценува ситуацијата во земјата“. Тој вината за случувањата во Македонија првенствено ја лоцира во Владата.

„Она што се случи вчера треба да ја потсетува владата за одговорностите и обврските кои ги има со добивањето на мандатот да биде на власт. Во преден план, потребно е да ги стави интересите на земјата и пред се` на својот народ пред сите други аспекти од партиска природа. За жал, нивното однесување во изминатите години е токму спротивното. Тие си играат со оган. Минимално што владата сега треба да направи е да ги покани сите политички лидери да разговараат заедно и да се апелира на смиреност. Овој дијалог треба да го означи почетокот на поинтензивен дијалог за да се подготви за процесот на транзиција каде критичните прашања со кои се соочува земјата треба да се решат“, потенцира амбасадорот Фуере.

Покрај критичките осврти за акцијата на полицијата, во коишто стручњаци, поранешни генерали и професори ја проблематизираат организацијата на акцијата којашто заврпи со осум жртви меѓу полицајците, реагираа и партиите.

Изразувајќи длабоко сочувство до семејствата на загинатите припадници на безбедносните сили, и повикувајќи ги граѓаните на смиреност во моментите на длабока тага и зголемени тензии, Либералната партија побара премиерот Груевски веднаш да поднесе оставка и ги повика претседателот Иванов и претседателот на на Собранието Трајко Вељаноски итно да отворат постапка, во консултации со политичките партии, за формирање концентрациска влада.

Движењето „Беса“ во коешто членуваат етнички Албанци, постави прашања кој стои зад оружените групи, кој ги нарачал, која е нивната агенда и како тие се најдоа сред Куманово? Прашувајќи како и зошто МВР не ги преземало потребните чекори за да се спречи кумановскиот инцидент, „Беса“ побара оставка од министерката Јанкулоска и го повика лидерскиот двоец на ДУИ, Ахмети и Муса Џафери, да појдат во Куманово да го спасат населението.

Реагираше и Форумот на слободоумни патриоти којшто изрази длабоко сочувство на семејствата на загинатите полицајци, бранители, Македонци и Албанци, кои „храбро ги положија своите млади животи во одбрана на татковината во борба против кучињата на војната, платеници за дестабилизација на државата“.

„Форумот очекува од Советот за безбедност заеднички да се произнесе во однос на оваа безбедносна ситуација која може да ескалира и го повикува претседателот на државата да формира заедничко тело, сочинето од претставници на релевантните политички субјекти, институции и експерти кое тековно ќе ја следи ситуацијата, ќе се се координира и ќе произнесе за суштината на оваа безбедносна ситуација“, се наведува во соопштението на Форумот.

Во меѓувреме, ситуацијата во Куманово полека се смирува. Кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски остави извршната власт да даде насоки дали ќе има потреба да има полициски час и посочи дека градинките, месните заедници и училиштата се адаптирани за да ги примат оние жители чиишто домови се оштетени или се наоѓаат во најризичните подрачја од градот. Кризниот штаб на Општина Куманово реши училиштата утре да не работат.

XS
SM
MD
LG