Линкови за пристапност

Повици за смиреност и од дома, и од странство


Евакуирана жителка на Куманово во прегратка на роднина
Евакуирана жителка на Куманово во прегратка на роднина

По загинувањето на петмина полицајци во саботните престрелки во Куманово

Жарко Кузмановски (роден во 1981-ва), Ненад Серафимовски (1987-ма) и Сашо Самоиловски (1982-ра), и уште двајца полицајци чиишто имиња не беа објавени затоа што во моментот на прес-конференцијата нивните семејства се` уште не беа известени, се петемина загинати полицајци во кумановската „Дива населба“, во саботните престрелки коишто траеја цел ден.

На прес-конференцијата во 22:30 минути во саботата навечер, осумнаесет часа по почетокот на полициската акција, министерката за надворешни работи Гордана Јакулоска, нарекувајќи ги убиените полицајци - херои, го истакна нивниот патриотизам и рече дека вечно ќе се памети нивната храброст. Исто како и храброста на сите коишто учествуваа во акцијата, за која рече дека е најтешката којашто досега ја извршила македонската полиција, а во којашто имало и над 30 ранети полицајци. Според Јанкулоска, во МВР во времето на одржувањето на конференцијата немале информации за загинати цивили или за бројот на жртвите од страна на, како што ја нарече, терористичката група.

„Утринава почнавме акција со терористичката група која имала за цел напади на државни институции. Колку се тие опасни покажува што цели 16 часа даваа отпори. Отпорот на поголем дел од групата е совладан по 18 часот и поголем дел од групата се предаде“, изјави Јанкулоска, но потенцираше дека акцијата се` уште трае и дека ситуацијата и понатаму е високо ризична.

Објаснувајќи дека групата била составена од лица коишто влегле од соседна држава и од македонски државјани, министерката не сакаше да одговора на прашањата за нивните мотиви да ја дестабилизраат Македонија. На прашање за чувството на одговорност за акцијата во којашто петмина полицајци го загубија животот, Јанкуловска истакна дека е „најлесно човек да избегне одговорност, наместо да се сочи со неа“. Според неа, полициската акција била планирана и добро подготвена, но не можела да биде одложена поради проценка за ескалација на ситуацијата, како и дека вооружените лица користеле и фрлачи на гранати, бомби, автоматско оружје и снајпери во престрелките со полицијата.

Според ТВ Алсат – М, саботата навечер била разбиена и последната група од деветмина терористи од кои четворица и се предале на полицијата, четворица загинале, а еден се самоубил, но за ова се` уште нема официјална информација.

Засега не се знае кои се членовите на групата. Албански медиум од Косово објави соопштение коешто го пренесоа македонските медиуми, а во коешто одговорноста за нападот ја презема ОНА, но за тоа нема официјална потврда.

Во текот на целиот ден, освен кусата прес-конференција на портпаролот на МВР, Иво Котевски, на којашто беше соопштено дека се води акција во Куманово против вооружена група којашто имала за цел да организира напад врз државни институции, немаше никакви официјални изјави од македонските власти, а провладините медиуми речиси и не известуваа за настанот. Тоа предизвика бројни шпекулации и коментари на социјалните мрежи, особено откако американската амбасада изрази сочувство за загинатите, а официјално, македонските власти не соопштија никаков податок за загинати полицајци или цивили.

„Длабоко жалиме за загубите на човечки животи во врска со акциите во и околу Куманово и го изразуваме нашето сочувство кон семејствата на загинатите полицајци и граѓани, како и кон оние кои се повредени. Ја следиме состојбата и сме во постојан контакт со властите и со политичките лидери. Ги повикуваме граѓаните да останат смирени и да дозволат утврдување на фактите“, соопшти Амбасадата на САД во Македонија.

Реагираше и Делегацијата на ЕУ во Македонија која истакна дека е во постојан контакт со властите и политичките партии и дека Унијата силно апелира до граѓаните и политичките фактори „да останат смирени и да чекаат фактите да бидат потврдени од релевантните институции“. И претседавачот на ОБСЕ и српски министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, којшто телефонски разговорал со македонскиот шеф на дипломатијата Никола Попоски, изјавил дека стабилноста на Македонија е од витална важност за стабилноста на целиот регион.

„Ги повикуваме сите политички сили во Македонија на конструктивен дијалог, а меѓународната заедница, особено ОБСЕ, да даде придонес кон таквиот дијалог. Убедени сме дека дијалогот треба да се води исклучиво во институционалните и правните рамки, што би било во најдобар интерес за Македонија и зачувувањето на стабилноста на безбедноста на регионот“, се наведува во соопштението од Министерството за надворешни работи на Русија, во коешто се изразува и „загриженост поради антивладините протести изминативе денови, чија ескалација била спречена од безбедносните сили и „компетентните власти во земјата“.

Вечерта и комесарот за проширување Јоханес Хан изрази длабока загриженот „за развојот на настаните во регионот на Куманово, за ранетите и загинатите лица. Барам властите и сите политички лидери и лидери на заедниците да соработуваат, да го вратат мирот и целосно да ги истражат настаните на објективен и транспарентен начин во рамките на законот. Барам од сите актери да покажат голема воздржаност. Секоја идна ескалација мора да се избегне во интерес на целосната стабилност на земјата", се вели во неговото соопштение.

Косовското Министерство за надворешни работи го осуди нарушувањето на безбедноста на Македонија, а претседателката на Косово Атифете Јахјага изрази длабока загриженост за ситуацијата и ги повика „сите страни да го почитуваат законот и да се воздржат од насилство“.

На македонската политичка сцена најпрвин реагираше албанскиот партнер во владејачката коалиција, Демократската унија за интеграција, според којашто настаните во Куманово, но и тие претходните, во Гошинце и експлозијата пред седиштето на ДУИ, како и други, се дејствиjа коишто се во целосна спротиставеност со стратешките определби на албанскиот народ како во Македонија, така и на Косово, во Албанија, и Прешевската Долина.

„Албанците во Македонија имаат однапред определена агенда и се во содејство со САД, ЕУ и НАТО и сакаат да ја видат земјава со целосна еднаквост на граѓаните, со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, во мир и стабилност како и зачленета во НАТО и интегрирана во ЕУ “, порача ДУИ.

И опозиционата албанска партија ДПА апелираше граѓаните да останат смирени и во никој случај да не подлегнат на провокации, а го повикаа и меѓународниот фактор итно да интервенира за да се спречи понатамошна ескалација.

Албанското движење „Беса“ ги повика „вооружените групи, ако тие се Албанци, да не стануваат средство на овие антиалбански агенди и да не му штетат повеќе на албанскиот народ во Македонија“. Според „Беса“, се работи за “инсценирана акција со цел политичката криза да ја претвори во меѓуетничка криза, и на тој начин да се спасат некои македонски и албански инкриминирани политичари, а ваквата цена да ја плати албанското население во Македонија“.

Опозициониот лидер Зоран Заев јавно ги повика премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ Али Ахмети да излезат и да ја објаснат ситуацијата: „Го повикувам Груевски веднаш да излезе пред граѓаните на Македонија и да им објасни кој, зошто, со каква цел ја дестабилизира Македонија? Дали и зошто криминални групи од територијата на соседните држави влегуваат во Македонија? Кој ги организира и со каква цел? Истото треба да го направи и Ахмети. Жртви се граѓаните и Македонци, и Албанци, и полицајци, и цивилно население. Сега најважно е да му се помогне на цивилното население и да му се обезбеди и гарантира сигурност и безбедност. Црното сценарио нема да успее. Граѓаните препознаваат кој има интерес од вакво сценарио и нема да дозволат да бидат вмешани во ваквото сценарио“.

Во име на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се огласи пратеникот Антонио Милошоски којшто побара смиреност: „Една терористичка група со околу 40 припадници кои што на нашата јавност и на другите соседи и на меѓународната зааедница им се добро познати, за што информиравме пред одредено време, имала сценарио за дестабилазација на државата, а нивната намера била напад на повеќе државни институции, установи и пунктови во областа на Куманово и на други места... Ваквото сценарио на дестабилизација или обид за дестабилизација не му одговара на никој разумен граѓанин, политичар, политичка партија или било која етничка заедница. Напротив, ова може да направи огромна штета на нашата заедничка држава“.

Ноќва се очекува враќање на претседателот на државата Ѓорге Иванов, којшто ја прекина посетата на Москва и одржување на седница на Советот за национална безбедност по повод безбедносната ситуација во земјата.

И покрај драматичните настани во Куманово, денес во Скопје петти пат по ред имаше протести со барања за оставки на премиерот Груевски, министерката Јанкуловска и првиот човек на УБК Сашо Мијалков. Протестите започнаа откако СДСМ објави снимки од телефонски разговори коишто, како што тврди партијата, покажуваат дека владиниот врв се обидувал да ги прикрие околностите под коишто се случило убиството на 22-годишниот Мартин Нешкоски.

Иако додека саботата траеја протестите не беше потврдена веста за смртта на полицајците, демонстрантите со едноминутно молчење им одадоа почит на загинатите и оставија цвеќиња пред кордонот што го обезбедуваше објектот на Владата. Откако полицијата не им дозволи на граѓаните по повод Денот на победата против фашизмот да положат цвеќе пред Споменикот на ослободителите што се наоѓа кај Владата, тие протестираа и пред седиштето на ЕУ во Скопје, каде што побараа поголемо ангажирање на европските дипломати за ситуацијата во Македонија.

XS
SM
MD
LG