Линкови за пристапност

Спонзорите бараат реформи во ФИФА


Претседателот на ФИФА Сеп Блатер на прес-конференција во Цирих во март годинава
Претседателот на ФИФА Сеп Блатер на прес-конференција во Цирих во март годинава

Регионалните фудбалски федерации дебатираат за нејзиниот честопати критикуван претседател

Спонзорите ја повикаа меѓународната фудбалска федерација ФИФА да направи промени, а регионалните фудбалски федерации дебатираат за нејзиниот честопати критикуван претседател откако САД и Швајцарија отворија истраги за голема корупција во фудбалското тело.

Компанијата за кредитни картички „Виза“ издаде остро соопштение откако американскиот владин Оддел за правда покрена обвинение против 14 лица за рекетарство, измама по електронски пат и перење на пари. „Виза“ изрази „длабоко разочарување“ и потенцираше дека ќе размисли за спонзорството доколку не дојде до реформи.

„Како спонзор, очекуваме ФИФА да преземе молскавични и конкретни чекори за справување со проблемите внатре во организацијата“, се вели во соопштението од компанијата. „Тоа започнува со повторна изградба на културата на енергична морална пракса, за да се врати репутацијата на фудбалот меѓу обожавателите насекаде“.

„Кока-кола“ соопшти дека на неколкупати порано изразила загриженост за наводите и дека очекува ФИФА од корен да се зафати со проблемите, додека „Адидас“ побара ФИФА да „применува транспарентни стандарди на придржување до правилата, за се` што работи“.

Во меѓувреме, Азиската фудбалска конфедерација изјави дека планираното утрешно гласање за претседател на ФИФА треба да се одржи како и што беше планирано и дека го поддржува актуелниот претседател Сеп Блатер.

Блатер ќе се обиде да добие петти мандат. Конкурент му е јорданскиот принц Али бин ал Хусеин.

Европската федерација УЕФА побара шестмесечно одложување на гласањето со оценка дека „има голема потреба од промена на лидерството во ФИФА“.

Блатер не е меѓу деветмината актуелни и поранешни виши официјални лица на ФИФА против коишто вчера беа покренати обвиненија. Тој издаде лично соопштение во коешто се заложи дека сите инволвирани во злоупотребата на функциите ќе бидат отстранети од фудбалот.

XS
SM
MD
LG