Линкови за пристапност

ФИФА ја тресе огромен скандал


Американско федерално обвинение за корупција против сегашни и поранешни виши официјални лица

Меѓународната фудбалска федерација ФИФА се најде на удар на обемно американско федерално обвинение за корупција против сегашни и поранешни виши официјални лица и најава за одделна истрага на швајцарските власти за наводите во врска со доделувањето на Светските првенства во 2018-та и 2022-ра. Денес во Цирих беа уапсени неколку официјални лица на ФИФА.

Американското обвинение содржи 47 точки против 14 лица коишто се товарат за рекетарство, измама по електронски пат и перење на пари – шема во којашто, според обвинителите, биле вклучени извршни лица од спортските медиуми и коишто плаќале или пак се согласиле да платат над 150 милиони долари во замена за маркетиншки права за натпреварувањата.

Одделот за правда вели дека се работи за „24-годишна шема за лично богатење преку корупција во меѓународниот фудбал“.

Властите во Цирих уапсија седум официјални лица на ФИФА коишто чекаат да бидат испорачани во САД. Американските власти денес спроведоа рации во Мајами, а Одделот за правда објави дека дополнителни четири лица веќе се изјасниле виновни по обвинувањата.

Главната обвинителка Лорета Линч рече дека наводите се однесуваат на „огромна, систематска и вкоренета“ корупција којашто „нанела длабока штета на голем број погодени лица“.

„Опфаќа најмалку две генерации на фудбалски официјални лица, коишто, како што се наведува, ги злоупотребиле позициите на доверба и зеле милиони долари како мито и за услуги“, кажа Линч.

Диреторот на американското Федерално истражно биро (ФБИ) Џејмс Коми кажа дека системот на незаконски исплати и поткуп „станал начин да работење во ФИФА“.,

Валтер де Грегорио, директорот за комуникации и односи со јавноста во ФИФА, изјави дека фудбалското тело минува низ тешки моменти, но дека ќе нема промени за претстојните Мундијали. „Светските првенства во 2018-та и 2022-ра ќе се одржат во Русија и во Катар“, потврди тој.

Тој потврди дека ФИФА го иницирала процесот за коруптивно однесување на виши официјални лица, како и дека претседателот на Федрацијата Сеп Блатер не е вмешан во истрагата.

XS
SM
MD
LG